Clostridioides difficile (syn. Clostridium difficile), исто така позната како C. difficile, или C. diff, е Грам-позитивен вид на спороформни бактерии. Clostridioides spp. се анаеробни, подвижни бактерии, сеприсутни во природата и особено во почвата. Нејзините вегетативни клетки се стапчести, плеоморфни, и се појавуваат во парови или кратки ланци. C. difficile е каталаза- и супероксид дизмутаза-негативна, и создава два типа на токсини: ентеротоксин A и цитотоксин B, кои ја нарушуваат цитоскелетната сигнална трансдукција кај домаќинот. Под стресни услови, бактеријата создава спори кои се способни да толерираат екстремни услови.
C. difficile е важен хуман патоген; според CDC, во 2017 имало 223,900 случаи на хоспитализирани пациенти и 12,800 смртни случаи во САД. Иако C. difficile е позната како хоспитален и антибиотски асоциран патоген, најмногу една третина од инфекциите може да бидат следени на ниво трансмисија од инфициран пациент во болница, и само мал број на антибиотици се директно поврзани со зголемен ризик за разој на C. difficile инфекција (CDI), имено клиндамицин, флуорокинолони и цефалоспорини. Поголемиот дел од инфекциите се стекнуваат надвор од болниците, и повеќето од антибиотиците имаат слично ниво на зголемен ризик од инфекција како и многу неантибиотски ризик-фактори, како што се употребата на лаксативи и клизми.
C. difficile исто така може да биде дел од нормалната цревна флора без да предизвика заболување. Иако раните проценки индицирале дека C. difficile е присутна кај 2–5% од возрасното население, неодамнешно истражување покажало дека колонизацијата на дебелото црево е тесно поврзана со историја на друго неповрзано дијароично заболување, како труење со храна или злоупотреба на лаксативи. Поединци без историја на гастроинтестинални нарушувања, малку е веројатно да станат асимптоматски носители. За асимптоматските носители се смета дека се главен резервоар на инфекцијата.
Наводи
Категорија:Грампозитивни бактерии