Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) — здружение во Македонија. МАИ е независно, непрофитно и доброволно здружение, кое организирано работи на стручно оспособување и усовршување на своето членство. Здружението постои од 2016 година и оттогаш наваму е фокусирано на активности што придонесуваат за унапредување на работењето на издавачката дејност.
Здружението е постојано активно во делот на организација на саемски и продажни активности, како и на настани за промоција и поттикнување на читачката култура во Македонија. Исто така, МАИ три години ја има претставувано македонската книжевност на најголемиот саем за литература во светот, Саемот на книгата во Франкфурт.
Членки Во здружението членуваат издавачи кои доброволно пристапуваат во него, го имаат прифатено неговиот статут и работат со заеднички цели и интереси во областа на унапредување на издаваштвото, производството на книги, нивна дистрибуција и продажба.
Здружението денес брои 19 членки: „Три“, „Арс ламина“, „Полица“, „Култура“, „Антолог“, „Сакам книги“, „Бата прес“, „Ѓурѓа“, „Топер“, „Едука мак“, „Мартина“, „Паблишер“, „Чудна шума“, „Сказнувалка“, „Гаврош“, „ПНВ публикации“, „Читај книга“ и „Светулка“.
Од статутот Најважните цели и задачи на здружението, истакнати во Статутот на МАИ, како и на веб-страницата на здружението, се следниве:
• Поттикнување на соработка помеѓу издавачите и книжарите.
• Промовирање и заштита на професионалните интереси на издавачите во односите со државните органи и организации при донесување на законски и подзаконски акти кои се однесуваат на издавачката и книжарската дејност.
• Унапредување на условите и начинот на продажба на книгите.
• Грижа за спроведување на целата законска регулатива поврзана со издавачката и книжарската дејност.
• Организација на саемски манифестации, изложби и комерцијални презентации во земјата и странство.
• Промовирање на кодекс на однесување помеѓу издавачите и книжарите во смисла на коректна меѓусебна соработка.
• Имплементација на стандарди за редакциска работа.
• Промовирање на солидарност помеѓу членовите на здружението.
• Развивање и унапредување на меѓусебните односи помеѓу членовите на здружението и останатите учесници во производството и пласманот на книги, пред сè фабриките за хартија, печатниците и трговските и книжарските друштва.
• Информирање на издавачите и книжарите во Македонија и странство.
• Застапување на издавачите и книжарите пред државните органи.
• Унапредување и афирмација на издаваштвото и книжарството во Македонија.
• Грижа за изедначување на условите на пазарот за сите учесници во него.
• Подобрување на книжарската мрежа во државата и грижа за нејзино снабдување и пласман на домашна и странска литература.
• Организација на семинари и едукација на кадри за работа во книжарството и друго.
Раководство на МАИ Во моментов, претседател на Македонската асоцијација на издавачите е Бојан Саздов, главен уредник на издавачкиот центар „Три“, заменик-претседател е Јове Тодоровски, директор на издавачката куќа „Полица“, а секретар на МАИ и лице за односи со јавноста е Наташа Атанасова.
Поврзано Македонска книжевност Саем на книгата во Скопје
Наводи
Надворешни врски Службена мрежна страница на МАИ
Категорија:Македонски здруженија Категорија:Издаваштво во Македонија