Златко Кесковски -Кецко е роден во Охрид во 1970 година. Во родниот град завршува основно и средно образование. Дипломирал на Техничкиот Факултет при Универзитетот Свети Климент Охридски во Битола. Откако се здобил со магистерска и докторска титула по кризен менаџмент, Кесковски бил на различни раководни позиции во областа на безбедноста, како во приватниот така и во јавниот сектор. Во 2007 година станува професор на Факултетот за детективи и безбедност на Универзитетот ФОН во Скопје. За време на академската кариера Кесковски бил ментор на десетици студенти на последипломски студии од областа на безбедноста.

Златко Кесковски е поранешен светски карате шампион во 2005 година на светски куп одржан во Италија. Тој е и поранешен повеќекратен македонски и југословенски шампион во Карате и Кендо со освоени повеќе од 200 медали во различни боречки вештини од кои 70 медали се освоени на меѓународно ниво. Златко Кесковски е основач на македонската кендо федерација во 2006 година и на македонската џиу-џицу федерација во 2005 година. Од 2003 година е единствениот македонски и регионален лиценциран карате инструктор за лица со попреченост. Во 2006 година Кесковски бил член на Македонскиот Олимписки Комитет.

Во 2013 година, Кесковски ја добил државната награда 8ми Септември, највисоко државно одличје од областа на спортот. Во периодот од 1993 до 1998 е прогласуван за најдобар спортист на општина Охрид, а во 2008 година од Сојузот на спортови на Град Скопје добил награда за животно дело. Добитник е на највисоката награда на Охрид: Свети Климент-Заштитник на Охрид. Од 2003 до 2010 година бил инструктор по боречки вештини за деца со попреченост и за деца без родители во Скопје.

Златко Кесковски е македонски стопанственик, основач и генерален директор на НЈСК Холдингс од Скопје. Кесковски учествува во развојот на компанијата уште од самото нејзино основање.