„Цар Самоил“ — средно училиште во Ресен, Општина Ресен.
Основање и развој
Првите почетоци на училиштето се во училишната зграда во ОУ „Гоце Делчев“ - Ресен на улица Мите Трпевски бр. 42 во централното градско подрачје. Името под кое работеше гимназијата е Стив Наумов. Објектот е изграден од цврст материјал во 1957 година. Тоа е објект составен од приземје и два ката. Од учебната 1978/79 година.
Училишниот центар за стручно образование на земјоделски кадри се интегрира со Гимназијата во Ресен, во Центар за средно образование Јосип Броз Тито со гимназиски и лозаро-овоштарски паралелки. Со интеграцијата, која се реализира во 1978 година, училишната зграда, економијата и дел од механизацијата, сопственост на Центарот, беа префрлени како основни средства на „Агроплод“.
Новата воспитно-образовна институција училишниот центар „Јосип Броз Тито“ доби нови простории – поранешната касарна, која за таа цел беше адаптирана за изведување на воспитно-образовниот процес. За изведување на практичната настава, Центарот доби и нова економија околу училишната зграда. „Агроплод“ како организација што ја користи економијата на поранешниот центар, се обврзува на постојните овоштаро-лозарски и идните паралелки да им овозможи да ги користат производните објекти за практична настава и други потреби. Училишниот центар во својот состав ги има следниве форми на стручно образование на земјоделски кадри:
Паралелки за стручно образование на земјоделци од овоштарско-градинарска насока, со траење од една година Паралелки за квалификувани земјоделски работници од овоштарско-градинарска насока во траење од 2 години и Паралелки за техничари од овоштарско-лозарската насока во траење од 4 четири години.
Треба да се одбележи дека учениците што го завршуваа двегодишното училиште,скоро сите го продолжуваа образованието за земјоделски техничари. Уписот на учениците се регулираше со конкурс. Вкупниот број на учениците во учебната 1981/82 година е 500, од кои овоштаро-лозари 167 и гимназијалци 337.
Обновување на училишното стопанство
Центарот имал сопствена економија со лозов насад од 425 пенушки со 17 различни видови грозје, вишнарник со 300 овошни дрвја и овоштарник со 100 дрвја јаболка и круши. За извршување на работите во економијата и за практична настава, Центарот располага со еден трактор, приклучна механизација и тоа: плугови, барни, сеалки, прскалки и друго.
Денес вкупната парцела која ја поседува училишната економија изнесува 13.5 ha во квалитетна почва од која последниве 3 години 12 ha се засејува со пченица, (врз основа на член 24 став 7 од Законот за земјоделско земјиште (Сл. Весник на Р. М. бр. 25/98 и 18/99) е склучен договор за закуп на земјоделски земјиште на време од 30 години), 1ha јаболков насад, 0,3 ha круша и слива, и 0,4 ha лозов насад во школскиот двор.
Од механизација има: трактор 539 Фергусон, трактор Ландини 85, приколка 3 тона, приколка 5 тона, атомизер 350л, ѓубрерастурач, сеалка, култиватор-дисков, култиватор со мотички-обичен, плуг-трибразден, електричен апарат за миење, атомизер 1000л, ѓубре растурач-италјански, тањирача-дисков култиватор, плуг-обичен двобразден.
Опремата се користи за обработка на земјоделските култури во Училишната економија, а е сместена во гаражи којшто се наоѓаат во училишниот двор.
Училишна Библиотека
Од своето основање Училиштето почнало да создава свој книжен фонд кој постетено се зголемувал и прераснал во библиотека. Библиотекарскиот фонд од година на година станувал се побогат( Стручна литература, списанија и белетристика). Библиотеката е сместена во посебна просторија и располага со библиотекарски инвентар, потреба за сместување на книжниот фонд.
Библиотеката е уредена по пример на градска библиотека со уредно водена картотека.
Во библиотеката има голем број на списанија и енциклопедии. Училиштето води грижа и за набавка на учебници од најнови изданија. Библиотеката денес располага со околу 6389 книги. Библиотеката располага со дела опфатени во материјалот по македонски јазик и литература, со стручни списанија и друга литература.
Може да се каже дека во прилично голем степен ги задоволува потребите на учениците и наставниот кадар.
Во последните години библиотеката се збогатува со потребниот книжевен фонд поради промената на воведување на нови лектири од страна на МОН.
Општествена културна дејност
Општествено културна дејност се развива со цел да се поттикнат врвни достигнувања во сите сфери на воспитно-образовната дејност и во пригодни моменти истите да се презентираат во општествената средина, со кое се дава придонес за поцелосна афирмација на училиштето и разивање на општествениот живот и подигање на општата култура на средината.
Општествено културна дејност се реализира во рамките на Училиштето и институциите на Општината.
Задачи на општествено-културната дејност се:
училиштето да се афирмира како културен и просветен центар на општествената средина, да им се овозможи на учениците да ги запознаат јавните и културните инсититуции во општествената средина, воспитно-образовните резултати во училиштето да бидат достапни за средината, во текот на годината да бидат одбележани и со историски часови повеќе историски датуми.
Наставна практика
Во образованието на стручниот кадар, наставната практика е неразделен дел од теоретската настава по сите стручни предмети.
Теоретската и практичната настава се реализираат според наставни планови и програми.
Теоретската настава се изведува во кабинети. Таа се надополнува со вежби, кои се дел од неа. Во кабинетите се изведува со помош на нагледни средства: слики, модели, материјал за калемење и др.
Професионалната пракса се однесува на учениците од земјоделско ветеринарната струка од прва до трета година.
Професионалната пракса се реализира од септември до јуни и опфаќа берба на јаболка што се изведува во АД Агроплод. А во склоп на училишната економија професионалната пракса опфаќа подготовка на терен, прихранување на житни култури, хемиска зимска заштита во јаболковиот насад, пролетна обработка, одржување на лозовиот и овошниот насад, припрема за наводнување и наводнување на лозовиот и овошниот.
Најзначајни активности при реализација на феријалната практика главно се: нега на овошен и лозов насад, одржување и негување на истиот, посета на земјоделски аптеки, посета на организации со цел учениците теоретските знаења да ги поврзат со практична примена.
Учениците предводени од свои професори ја изведуваат практиката по години и во помали групи. Практиката трае од 10 до 20 работни денови. Феријалната практика се изведува во летниот период.
Учениците преку воспитно -образовниот процес се здобиваат со информации и вештини соодветни на конкретни и различни професии, со информации за раководење со ресурси и со информации тимска работа и вештини за постојаност, посветеност, делотворност, ефикасност и упорност во работењето. Работното место е активна средина на учење каде учениците учат преку работа, развивајќи вештини за исполнување на задачите и постојано унапредување на нивните способности. Со меѓусебната комуникација на училиштата, бизнис секторот и другите организации можат да се најдат подобри начини за инкорпорирање на работните концепти и технологии во курикулумот.
Наставни програми од 1960 до 2010 година
Во рамките на Гимназијата „Стив Наумов“ во 1960 за првпат е отворена гимназиска паралелка која работи по наставна програма со општи гимназиски предмети. Со зголемувањето на бројот на ученици и паралелки, се дели на природно научна и општествено - јазична насока. Во рамките на овие насоки наставата се изведува по општообразовни предмети и по два предмет во прилог на насоката.
Со верификациониот акт од 1985 година и промената во Училиштен Центар за Средно Образование „Јосип Броз Тито“ тогашниот Републички комитет за образование и физичка култура - Скопје воведе насоки кои беа во согласност со економските и политичките состојби во државата и општината. Истата година почнаа да работаат:
прехранбена насока - прехранбен техничар; правна насока за правен техничар; математичко – информатичка насока - информатичар; економска насока – економист за книговодствено финансиска работа и економски техничар; текстилна струка за конфекционер ;
Предметите во наставните програми се општообразовни и стручни во зависност од струката
Основањето на паралелките до периодот на 1992 година зависело од заинтересираноста за одредена струка.
Со нов Акт за верификација од 1992 година за гимназиско образование Министерството за образование и физичка култура – Скопје ги воведува општа и природно – математичка гимназија со предмети кои се изучуваат во двете насоки како општообразовни и предмети кои ги надополнуваа двете насоки.
Во учебната 2004/05 година започна настава по нова Верификација за гимназиско образование која функционира до денес во рамките на сегашното Средно општинско училиште „Цар Самоил.“.
Според оваа наставна програма во прва и во втора година сите ученици ги изучуваат истите општообразовни предмети, додека во трета и четврта се делат на подрачјата:
природно –математичко изборно подрачје и тоа: 1. комбинација А и 2. комбинација Б
По оваа програма покрај општообразовните се опфаќа и комбинација на изборни предмети со кои ученикот добива базични знаења за успех на Електротехничките, Машинските и Природно – математичките факултети, Медицински, Ветеринарен, Технолошки и др.
општествено – хуманистичките подрачја, 1. комбинација А и 2. комбинација Б
се наменети за ученици кои покажуваат афинитети кон Економски, Правен, одредени подрачја на Филозофски факултет.
Јазично – уметничкото подрачје , комбинациите А и Б
се појдовна основа за започнување на филозофските, Филолошките, Педагошките, како и факултетот за Драмска, Ликовна и Музичка уметност
Од формирањето на Земјоделското стручно училиште „Ј.Ј. Свештарот“ и спојувањето со гимназијата „Стив Наумов“ во 1977 г. се работеше по наставни програми за земјоделска струка - лозаро – овоштарска насока, сè до 2004 г. кога е верификувано за земјоделско – ветеринарна струка, профил земјоделски техничар.
Од учебната 2005/06 година Министерството за образование во согласност со потребите на општината и државата СОУ„ Цар Самоил“ го верификува за земјоделско – ветеринарна струка, профил – техничар за фармерско производство.
До 2008 година во Училиштето воспитно-образовната работа се изведуваше на македонски јазик и на кирилично писмо, a од учебната година 2008/2009 со одлука на МОН со воведувањето на задолжителното средно образование наставата во гимназиското образование се изведува и на турски и албански јазик.
Презентација на училиштето преку разни форми на натпревари
Во текот на своето постоење претставува пример во едукацијата на учениците,а преку додатната настава им се обезбедува систематска работа на надарените и талентираните ученици според поединечните интереси со што ги продлабочуваат своите знаења, ги развиваат нивните интелектуални способности.
Ваквата едуцираност тие ја презентираат на локални, регионални и републички натпревари како и на олимпијади. За тоа сведочат многубројни пехари, дипломи и признанија од континуираното учество на натпревари во различни рангови и дисциплини за освоени први втори и трети места, поединечно или екипно.
Голема е бројката на ученици – учесници во натпревари од постоењето на гимназијата па сè до ден денес. Нивните успеси не престанаа. И денес со гордост се сеќаваме на нивните успеси кои ги предлабочија во нивната професионална ориентираност при што општина Ресен се гордее и ќе се гордее со нив. Да ги спомнеме, проф. Доне Гершановски – редовен професор и декан на П.М.Ф. во Скопје, кој како гимназијалец редовно го освојуваше првото место на државните натпревари по физика во периодот на првите години од основањето на гимназијата. Д-р. Миланчо Марковски – освоено прво место на натпревари по биологија на ниво на некогашната федерација во 1977/78 г. за што сведочи неговата понатамошна успешност во доменот на медицината во кардиолошкиот центар „Филип Втори“ во Скопје.