Свети Никола — главна селска црква во азотското село Габровник, Македонија.
Црквата е без покрив, со руинирана внатрешност и од важниот живопис се останати само фрагменти.
Местоположба
Црквата е гробишен храм, сместен на половина километар североисточно од селото и до него се доаѓа по земјен пат.
Историја
Црквата е изградена во XVII и обновена во XIX век.
Архитектура
Покривот е срушен и во целост зачувани се само западниот и источниот ѕид, а другите два се делумно урнати. Црквата е еднокорабна градба со полукружна апсида на исток. Од западната страна е имала дограден трем со дрвена камбанарија од која се зачувани само темелите. Градбата е масивна, изградена од дробен камен и имала покрив од камени плочки. Од јужната и северната страна има две прозорски окна, додека пак источната горе има крстовиден отвор и тенка линија под него. Порталните и прозорските окна се од делкан камен и се засводени во горниот дел. Од постарата документација се се гледа дека црквата е имала касетирана таваница, дрвена брановидна галерија во западниот дел, двокатен иконостас со икони и црковен мебел.
Влезот на црквата е од западната страна и над него има покровителска ниша со претстава на Свети Никола насликан за време на обновата во XIX век. Тој е претставен во свечена архијерејска одежда со митра на главата, со десната рака благословува, а во левата држи затворено евангелие.
Фрескоживопис
Оригиналниот живопис од XVII век е зачуван само на источниот ѕид. Во конхата на апсидата е насликана Пресвета Богородица Знамение до појас со Младенецот во медалјон на градите. Богородица е со подигнати раце во молитва; Христос благословува со десната рака рака, а во левата држи затворен свиток. Претставата на Богородица денес е уништена и позната е од стари фотографии што се чуваат во Националниот козерваторски центар. Светлосиниот медалјон на Христос е поставен врз црвен квардрат, кој пак седи врз син квадрат. Тој карактерстичен медалјон е истоветен на оној во црквата „Свети Никола“ во Мрзен Ораовец.
Во првото подрачје на апсидата, во службата на светата литургија учествуваат само двајца архијереи свртени кон средишниот простор, каде место Агнецот поставен на Чесната трпеза е отворен тесен отвор. Литургистите се облечени во полиставриони, епитрахили и омофори со големи крстови. Во рацете држат отворени свитоци со старогрчки богослужебни текстови. Од северната страна е св. Јован Златоуст, а од јужната е св. Василиј Велики.
Во просторот меѓу апсидата и проскомидалната ниша е насликан Симеон Столпник. Светецот е до појас во монашка облека на столб, како благословува со левата рака, а со десната држи крст. Во самата проскомидална ниша е Архиѓакон Стефан, до појас, облечен во бел стихар и орар на кој е насликан трисагионот. Носи дарохранилница во левата покриена рака, а со десната благословува.
Останатите фрески во наосот се од XIX век и се познати само од документацијата на Националниот конзерваторски центар. На северниот ѕид од запад во првото подрачје биле насликани св. Харалампиј, св. Петка, св. Катерина, св. Марина, св. Игнатиј, св. Атанасиј и пророкот Илија, а во второто подрачје Апостол Филип, Апостол Тома, св. Трифун, св. Пантелејмон, св. Кузман и Дамјан и светите Константин и Елена. На јужниот ѕид во првото подрачје биле пророкот Даниил и св. Никола, а во второто св. Ѓорѓи и св. Ѓорѓи Јанински.
Галерија
Поврзано Велешко архијерејско намесништво Богомилска парохија Габровник
Наводи
Надворешни врски
Габровник