Пресвета Богородица Живоносен Извор () — црква во градот Негуш, Егејска Македонија. Влегува во состав на Берско-негушко-камбаниската епархија на Цариградската патријаршија.
Местоположба Црквата се наоѓа на еден километар источно од Негуш, во месноста Панајопула наречена по него, 150 м од патот за Копаново. Храмот на грчки е наречен и Панајопула, во превод Богородична поради нејзините димензии, и за да се разликува од другиот храм „Успение на пресв. Богородица“ во градот.
Историја Црквата е изградена во XIX век како храм на истоимениот женски манастир. Манастирот веројатно постоел пред Негушкото востание и уништувањето на градот во 1822 г. Изгледот на првобитната црква е непознат. Точната година на обновата по востанието е непозната.
Според „Историја на градот Негуш“ на Евстатиј Стојанов, храмот е обновен во 1864 г. за време на митрополитот Софрониј Берско-негушки. Според натписот на храмот, во 1895 г. е направена друга обнова со епитропите Димитриос Арнис и Константинос Какалес.
Веројатно при обновата во 1895 г. се направени потпорните ѕидови на јужната страна на храмот.
Според Статутот на Негушката грчка општина од 8 февруари 1912 г. храмот „Живоносен Извор“ е парохиски манастир на општината кој придонесува кон издршката на училиштата во градот. Според истиот статут, црквата е автономна и се управува од епитроп избран од избирачки одбор. Не е познато кога храмот ја изгубил независноста и станал потчинет на црквата „Св. Ѓорѓи“.
На 2 октомври 1985 г. црквата е прогласена за заштитен споменик.
Архитектура Храмот претставува трикорабна базилика без нартекс, со покрив од ќерамиди и тристрана апсида на исток, украсена со слепи лакови. Вршени се лоши архитектонски преправки. Има правоаголен облик со димензии 21,20 × 11,40 м. Наосот е 16,20 × 9,95 м и на запад има женска црква. Жртвеникот без апсидната конха е голем 3,07 х 9,95 м. Покривот е двоводен со лесни засеци на исток и запад, така што на исток не образува фронтон, туку трапез.
Убаво обликуваниот западен влез е предвиден за жените, а северниот за мажите. Над едниот влез е претставен Свети Теофан Нови Светогорски — покровителот на Негуш, а над дригот е чудото на Живоносниот Извор.
Внатрешност Трите кораба во внатрешноста се поделени со пет пара столбови. Столбовите се костенови и со квадратен облик кој над висина од еден метар преоѓа во шестаголник. Имаат прекрасни капители и се поврзуваат со дрвен лаковиден архитрав, традиционално украсен со пророци и евангелисти. На првиот столб во северниот кораб е поставен амвонот, а на вториот (во јужниот) е владичкиот престол. Храмот ја има вообичаената женска црква во облик на буквата П, сместена на запад над главниот влез. До неа води дрвено скалиште во северозападниот дел на наосот. Таванот е убаво украсен. Во средиштето има круг во кој е преставен Христос Седржител. Подот е од керамички плочки со геометриски фигури.
Иконостас Иконостасот е прост, но со вепечатлива висина, триделен и насликан во бледи бои. Така се насликани царските двери, амвонот и владичкиот престол. Рамките на иконите се златни, а другите површини се во сино и бело. Има шест царски икони од истиот период и во иста техника како онаа на авторот на првите фрески од 1860 г. Трите икони на царските двери се подоцнежни и во различна техника. Првата икона десно од царските двери е на Исус Христос, дело на поп Атанас од Воден и Стерјо Димитриу од Кожани, со натписот „+ δια χειρός Αθανασίου Ιερέως προτόππ(απα): εκ Βοδενοίς και Στεργίου: εκ Κοζάνης 1860 Μαίου 20“. Втората е на Свети Јован Крстител, надживописана, без особени квалитети, чијшто оригинал бил од 1880-тите. Следната икона е „Воведение Богородично“ со позлатени ореоли на Света Ана и на Пресвета Богородица — веројатно повторно дело на поп Атанас од Воден. Првата икона лево од царските двери е „Пресвета Богородица на престол“ од XIX век, веројатно исто од поп Атанас и Стерјо Димитриу. Следната е „Благовештение“, која покажува влијание на западните стилови и богословие. Положбата на оваа икона се коси со името на храмот, бидејќи тука по каноноот би требало да стои икона „Живоносен Извор“ — истио проблем кој се јавува и во црквата „Успение на пресв. Богородица“ во градот. Следна икона е „Апостолски собор“, творба од XIX век на непознат автор. Во следното подрачје има помали икони со животот и чудата на Богородица, во истата техника како големите икони. Во средниот кораб иконостасот се издига во трето подрачје. Крстот има рамни краци и при основата има два змеја, како и иконите на Богородица и Јован Крстител. Целата композиција е на триаголна основа, украсена со резба и насликани елементи.
Храмот има четири проскинитара. Два се по страните на иконостасот (едниот посветен на св. Евстатиј, а другиот на Живоносниот Извор. Други два се по страните на излезот од наосот крај првите столбови — лево е „Свети Харалампиј“, (од XIX век со западни влијанија, но послаб естетски квалитет). Десно се „Сите Светители“, во чиј долен дел пишува „Μνήσθητι κύριε του Δούλου σου Αδάμου, συν της συμβ: και των τέκνων αυτού εις μνημόσυνον αιώνιον, 1863 Αυγούστου 10. Κ διά χειρός Αναστασίου Ναουσ“.
Фрески „Живоносен Извор“ е втората црква по „Св. Ѓорѓи“ која внатре е целосно живописана. За жал, фреските се надживописани. Авторот и годината на првите живописи се непознати. Во 1996 г. тие се обновени од негушкиот зограф Хасјурас. Во горното подрачје на северниот и јужниот ѕид има сцени од животот на Христос, а на запад се сцените од Стариот завет. Во второто подрачје се претставени светци. Жртвеникот и колонадите исто така се насликани.
Поврзано Берско-негушко-камбаниска епархија
Наводи
Живоносен Извор Живоносен Извор, Негуш Категорија:Споменици на културата во Негуш