Зграда на Амбасадата на Албанија позната и како Куќа на Јосиф Михајловиќ ― куќа во Скопје. Градбата е заведена како културно наследство на Македонија под називот Куќа на ул. „Славеј Планина“ бр. 2.
Историја Куќата била проектирана во 1934 година, а била изградена во 1937/38 година. Таа е дело на градоначалникот Јосиф Михајловиќ и служела како поединечна негова семејна куќа која истовремено ја користел и како приемна резиденција. Куќата е сместена во најстариот дел на Скопје, на периферијата на Старата скопска чаршија, под брдото на Скопското кале, во Балабан Маало.
По смртта на Јосиф Михајловиќ во 1941 година, до ден денешен, градбата е користена со различната намена од првичната функција како куќа. Постојат сознанија дека за време на Втората светска војна, најголемиот дел од заоставштината на Михајловиќ била уништена од страна на Бугарите. Потоа, градбата била резиденција на повоените политичари односно градоначалници на Скопје, и тогаш вредните предмети, првобитната вградена опрема во богатата внатрешност и мебелот биле предмет на кражби, а не била поштедена ниту фреската од Лазар Личеноски. Градбата долги години во неа бил сместен познатиот ресторан „Македонска куќа", а денес е Амбасада на Република Албанија.
На 10 декември 1963 година, градбата била прогласена за споменик на културата. Истиот статус бил потврден на 11 декември 1995 година, од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата.
Во 1998 година, фреската на Лазар Личеноски била купена и дојдена во сопственост на македонскиот стопанственик Ристо Гуштеров.
Архитектура и особености Куќата е обликувана во стилот на фолклоризмот вдахнат од народна архитектура со подробности транспонирани од традиционалната XIX-вековна куќа (четириводни покрив со длабоки стреи, тремови и колонади од столбови со прекршени лаци, вградени плакари) и како таква претставува редок пример на сочувана градба од овој вид изграден во периодот помеѓу двете светски војни. Во архитектонското остварување биле користени сите достапни современи градежни материјали и конструкции, а употребен бил и клепан камен во обработка на прочуени мијачки мајстори-ѕидари. Во неа било поставено првото парно греење во градот.
Во приземјето и катот има станбени содржини. Приземјето било користено како приемна резиденција на градоначалникот. Во куќата на катот се влегува надворешни скали од западната фасада, а вертикалното поврзување со катот и приземјето е преку друг сет на скали. Во приземјето главната врата е на јужната фасада. Градбата била изградена во масивен систем од набиен бетон, а ѕидовите се од полна тула со варов малтер. Градбата има армирано-бетонска меѓукатна конструкција. Покривната конструкција е дрвена. Таа има четириводен покрив, дрвена потконструкција и е покриена со ќерамиди. Подоцна имало доградба на баџите на источната страна. Фасадата е малтерисана со цементно-варов малтер. На приземјето е присутна обработка од клепан камен до висина на прозорците и малтер во останатите фасадни површини. Столбовите на терасите изедени од фасадна тула. Надворешната столарија, која се состои од прозорци, балконски врати и влезна врата е изработена од дрво. На фасадните прозорци наизменично имаат вградени дрвени ролетни како и дрвени капаци. Куќата со своите две улични челно поставени фасади (јужна и источна) и со ѕиданата ограда на останатите две страни го затвораат внатрешниот двор. Оградата е обликувана комбинирано со камен во долниот дел и малтерисана во горниот дел во кој се изведени слепи ниши и е покриена со ќерамиди.
Внатрешноста на куќата била модерна, но имало елементи на традиционалното градителство како вградени плакарите во ѕидовите. Металните елементи биле изработени во познатата браварска работилница на Антон Ручигај. На еден од ѕидовите, во 1938 година, Лазар Личеноски изработил импозантна фреска со димензии 220 × 100 цм на која бил прикажан мотив од мијачкиот крај – како Ѓурчин Кокале од Лазарополе, фрлајќи камен. Фреската повеќе не е дел од внатрешноста на куќата.
Градбата има статус на споменик на културата со режим на заштита од втор степен.
Поврзано Културно наследство на Македонија во Општина Чаир
Наводи
Надворешни врски Управа за заштита на културното наследство Управа за заштита на културното наследство (архивирана страница)
Категорија:Куќи во Скопје Категорија:Македонско-албански односи Категорија:Македонската архитектура во 1938 година