Соколански дом, познат и како Соколана или Соколски дом ― зграда и поранешно спортско здание во Куманово. Градбата била изградена во 1931, чиј архитект е Момир Коруновиќ. Таа била седиште на кумановското Соколанско друштво.

Историја Изградбата почнала на 26 јуни 1923 и архитект на градбата бил Момир Коруновиќ. Домот е граден со средства од доброволни прилози од населението и од тогашната кумановска еснафска јавност. Во изградбата учествувале и војниците на 22. пешадиски полк сместен во Куманово. Во 1925 година, Соколскиот дом бил покриен, но изградбата повторно застанала. Во 1926 година следел упад од непознати лица и уништување на дел од опремата на Домот, а во меѓувреме поради незавршените работи покривната конструкција попуштила и градбата почнала да се уништува. Поради ова општинскиот инженер, рускиот архитект Владимир Антонов проектирал нова покривна конструкција која заедно со внатрешноста била завршена во 1928 година. Соколанскиот дом бил завршен во 1931 година и му бил свечено предаден во употреба на Соколанското друштво на 6 септември 1931 година.

Салата на Соколанскиот дом во минатото била користена како домашен терен на КК Куманово.

Во октомври 2019 година, Соколанскиот дом и неколку други спортски зданија биле дадени под владение на Општина Куманово откако Јавното претпријатие за стопанисување на спортски објекти им ги одзело дозволите на тогашните тековни приватни стопанисувачи.

Градбата добила статус на споменик на културата со Решението бр. 18-980/19 од 3 март 2020 година.

Архитектура и особености Градбата во своите почетоци содржела затворена спортска сала, најголема во градот од овој вид во време на изведбата, сала за вежбање во зимските периоди, тераса, канцеларии како и попратни содржини. Зградата била изградена во српскo-источноримски стил, правец кој е карактеристичен за творештвото на Коруновиќ. Градбата содржела и бина за театарски претстави, собири, а имала и балкон - ложа над влезот во салата.

Грабата била изградена во масивен систем со ѕидови од полна тула. Таа има повеќеводен покрив со дрвена кровна потконструкција. Од главниот волумен излегуваат двете странични кули со лачен кровен завршеток. Градбата била со завршна обработка во малтер со богато пластично украсување, која е доживуван како засебен изразувачки нагласок. Влезната фасада на градбата (североисточната) била решена симетрично со истурени влезни скали кои го дополнуваат впечатокот на свеченост и монументалност, која ја подвлекуваат страничните „кули“. Меѓу страничните „кули“ се појавува тимпанон, изграден од полна тула. Страничните фасади се многу посмирени, кај кои се применети само низа од единечни прозорци. Разбивањето на масивниот волумен со лачно засводени отвори во приземјето, на катот е направено целосно ритмично отворање, спроведено со употреба на лачни единечни прозорци. Кулите се со високи, тенки прозорци, а во лачниот кровен завршеток, поставени се кружни розети - прозорски отвори на кои е применето фасадно украсување во вид на околупрозорска декоративна рамка.

Галерија

Поврзано Спортска сала Куманово Спортски комплекс Соколана Наводи

Надворешни врски

Категорија:Спортски зданија во Куманово Категорија:Соколарско движење Категорија:Згради и градби завршени во 1931 година Категорија:Македонската архитектура во 1931 година