Бабин Срт — врв на планината Стогово, неговата надморска височина изнесува 2242 метри. Се наоѓа во средишниот дел на главното планинско било и срт чиешто протегање по меридијански правец продолжува кон Караорман на југ. Претставува, последна (осма - КТ8) контролна точка на Првата - западна македонска планинарска трансверзала. Според орографските записи на македонскиот револуционер Ѓорче Петров во делото „Материјали по изучувањето на Македонија“, над масивот на Стогово се издигнува Бабин-Срт, којшто е господар на Дебарско, Кичевско и Охридско, макар што не е толку величествен и горд како Кораб, наспроти кој се издигнува. Масивот на Стогово и Бабин-Срт е центар на грамадниот планински јазол на вториот дел на Шар. Навистина, врвот Бабин Срт претставува четиримеѓе каде се допираат границите на Охридско, Струшко, Дебарско и Кичевско. Од врвот Бабин Срт се пружа прекрасна глетка на Охридското Езеро и Караорман на југ, а кон север Бистра и сиот шарски планински венец се до врвот Љуботен, со што од него на поглед се опфаќа сето протегање на Првата - Западна Македонска Трансверзала.
Наводи
Категорија:Врвови во Македонија Категорија:Стогово