Драган Андрески — македонски воен генерал.

Животопис Тој е роден во 1950 година во прилепското село Обршани. Основно образование завршува во своето родно село, а гимназиско образование во Битола. Високо воено образование стекнува на воените академии во Белград и Задар, насока артилерија.

Во 1973 година дипломира и ја започнува својата служба во Југословенската народна армија како командир на вод во Струмица. Во 1974 година е поставен за командир на батерија. Во 1975 година е преместен во Скопје, каде што до 1988 година е заменик командант, а потоа и командант на дивизион. Во меѓувреме, во 1985 година ја завршува Командно-штабната академија на Копнената војска на ЈНА во Белград. Од 1988 до 1990 година служи во Приштина како референт, а потоа и заменик началник на артилерија во корпус. Во 1990 година е преместен во Врање, каде што е началник на штаб на артилериска бригада, а воедно и заменик командант на бригадата, сѐ до распадот на Југославија.

Како и други припадници на ЈНА од Македонија, во 1992 година ја продолжува својата служба во новоформираната Армија на Република Македонија. Од 1992 година е во Куманово, каде што до 1994 година е командант на пешадиска бригада, а воедно и командант на касарната и гарнизонот, а од 1994 до 1995 година началник на одделението за оперативни работи на Првиот армиски корпус. Во 1995 година завршува висока воена академија (генералска школа) во Истанбул и е преместен во главниот град Скопје. Од 1995 до 1996 година е командант на гардиска бригада, а воедно и командант на касарната „Илинден“. Во 1996 година е началник на одделението за оперативни работи, а воедно и заменик на помошникот на началникот на Генералштабот на Армијата за борбена готовност и оперативни работи.

Во 1996 година е поставен за воен претставник на Македонија во Турција, со што е прв воен претставник на Републиката во странство. Оваа должност ја извршува до 2000 година. Таа година е унапреден во чин бригаден генерал. Од 2000 до 2001 година е командант на гранична бригада. Од 2001 до 2004 година е началник на Г-3 во Генералштабот на Армијата. Во периодот од 2004 до 2008 година е воен претставник на Републиката во Хрватска, Словенија и Италија. Во 2009 година се пензионира со чинот генерал потполковник.

Од 2014 до 2015 година е советник за воена дипломатија на министерот за одбрана. Од 2015 година е претседател на Клубот на генералите.

Чинови потпоручник (1973–1974) поручник (1974–1976) капетан (1976–1979) капетан прва класа (1979–1983) мајор (1983–1987) потполковник (1987–1993) полковник (1993–2000) бригаден генерал (2000–2003) генерал мајор (2003–2006) генерал потполковник (2006–2009)

Одликувања Орден за воени заслуги со сребрени мечеви (1975) Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда (1975) Орден за воени заслуги со златни мечеви (1980) Орден на трудот со сребрен венец (1984) Орден на Народната армија со златна ѕвезда (1989) Орден на хрватскиот тролист (2008) Медал за придонес во одбраната Златна значка на Армијата

Наводи

Категорија:Генерали во АРМ