Втора македонска алпинистичка експедиција „Еверест '89“ (официјално: II МАХЕ „Еверест '89“) — втората македонска алпинистичка хималајска експедиција, чија главна цел била искачување на највисокиот врв во светот, Монт Еверест. Експедицијата се одвивала во пролетта 1989 г.

Членови на експедицијата Во експедицијата учествувале вкупно 14 члена од Македонија, како и искусни гости алпинисти од тогашните југословенски републики Хрватска и Словенија:

Сашо Андонов Стипе Божиќ (алпинист од Хрватска) Владимир Бошков Виктор Грошељ (алпинист од Словенија) Слободан Ѓорѓевиќ (радиоврски) Димитар Илиевски-Мурато (алпинист) Борче Јовчевски (алпинист) Ѓорѓи Костовски (алпинист) Страшо Лозаноски Јован Попоски-Јове (водач на експедицијата) Горазд Росоклија (лекар и заменик-водач) Серафим Серафимовски (алпинист) Димитар Тодоровски Румен Ќамилов (снимател)

Тек и реализација на експедицијата Искачувањето на Монт Еверест било изведено од непалската страна преку ледоломот Кумбу, во стил кој подоцна станал класичен и прифатен од речиси сите современи експедиции што пристапуваат од оваа насока. Базниот логор бил поставен на морените под ледоломот, на надморска височина од 5.370 до 5.500 м н.в.

Патеката кон врвот се протегала низ ледоломот Кумбу, Долината на тишината, падината под врвот Лоце и Јужното седло. До врвот биле поставени четири висински логори: Прв висински логор: на висина од околу 6.100 м н.в. Втор висински логор: под Лоце на висина од 6.200 м н.в. Трет висински логор: на самата Лоце на висина од 7.300 м н.в. Четврти висински логор: на Јужното седло на околу 8.000 м н.в.

Освојување на врвот и трагедијата На 10 мај 1989 г., по тешко искачување што траело околу 15 часа во услови на длабок снег, македонскиот алпинист Димитар Илиевски успешно стапнал на највисоката точка на планетата. Заедно со Диме, истиот ден на врвот се искачиле и словенечкиот алпинист Виктор Грошељ, хрватскиот алпинист Стипе Божиќ и шерпасите Сонам и Аџива. Во четвртиот висински логор се наоѓал алпинистот Борче Јовчевски, кој имал клучна задача да биде логистичка поткрепа за јуришната екипа.

На самиот врв Диме и Стипе се задржале околу еден час. При симнувањето од врвот во ноќните часови, Димитар Илиевски останал на планината, најверојатно на височина од околу 8.200 м н.в. Точната причина за неговата смрт не е целосно разјаснета до денес, бидејќи во текот на целото искачување тој се наоѓал во извонредна физичка подготвеност, честопати правејќи патека во снегот пред самите шерпаси. Се претпоставува дека Диме застанал за кратко на 8.200 м за да го почека Стипе Божиќ (кој заостанувал бидејќи имал проблеми со светилката), по што заспал поради исцрпеност и преголем недостиг на кислород, од каде што никогаш не се разбудил.

Димитар Илиевски-Мурато е првиот Македонец што го има искачено Монт Еверест и долго време бил единствениот македонски алпинист со освоен врв повисок од 8.000 м н.в.

Поврзано Димитар Илиевски-Мурато Прва македонска алпинистичка експедиција „Хималаи '87“ Монт Еверест

Наводи

Категорија:Македонски алпинистички експедиции Категорија:Настани во 1989 година