Богослав Шулек (роден како Бохуслав Шулек; 20 април 1816 – 30 ноември 1895) бил хрватски филолог, историчар и лексикограф. Тој имал големо влијание во создавањето на хрватска терминологија во областите на природните и општествените науки.
Влијание врз хрватската терминологија Шулек ги поддржувал принципите на Загрепската филолошка школа и го промовирал хрватскиот лингвистички пуризам. За неговото дело бил наречен „татко на хрватската научна терминологија“. Тој слободно измислувал неологизми и позајмувал зборови од другите словенски јазици за да послужат како замена за несловенските заемки. Кога за заемката не бил достапен збор од штокавското наречје, тој се потпирал на чакавскиот и кајкавскиот лексички фонд, а кога и тие не биле доволни тој позајмувал зборови и од другите словенски јазици како чешкиот, словачкиот, рускиот и словенечкиот, или предлагал свои неологизми. Неговите активности честопати го вовлекувале во конфликт со хрватските вуковци кои се залагале за чист народен јазик и со потсмев неговите неологизми ги нарекувале шулекизми.
И покрај првичната непопуларност, повеќето од тие термини бавно навлегле во јазикот на хрватските високи класи во текот на 20-от век; многу од овие зборови денес се сметаат за стандарни хрватски изрази за различни поими. Дел од нив преку српскохрватскиот јазик навлегле и се употребуваат и во македонскиот јазик.
Повеќето од неговите кованици кои се користат во современиот хрватски јазик, вклучуваат термини од областа на хемијата (kisik "кислород", vodik "водород", dušik "азот") и други технички области (plin "гас", narječje "наречје", glazba "музика", skladba "композиција", obrazac "образец", sustav "систем", tlak "притисок", tlakomjer "барометар", zemljovid "карта", uzor "узор", pojam "поим", tvrtka "компанија", zdravstvo "здравство").
Наводи
Категорија:Хрватски јазичари Категорија:Починати во 1895 година