Навпактски Санџак или Инебахтски/Ајнабахтски Санџак (отомански турски: Sancak-i/Liva-i İnebahtı/Aynabahtı; ) ― отоманска покраина од второ ниво (санџак или лива) што ги опфаќала средишните делови на континентална Грција. Неговото име потекнува од главниот град Инебахти/Ајнабахти, турското име за Навпакт, попознат на англиски со неговото италијанско име Лепанто.
Историја Покраината била создадена во 1499 година, кога Османлиите го освоиле Лепанто, кој бил посед на Република Венеција од 1407 година. Сепак, голем дел од територијата доделена на новата покраина веќе била под османлиска контрола, под Трикалскиот Санџак.
На 7 октомври 1571 година, познатата Битка кај Лепанто помеѓу флотите на Отоманската Империја и Светата лига се водела на брегот на градот Лепанто. Венецијанците го вратиле градот во 1687 година, за време на Морејската војна, но го предале на осмалиска контрола во 1699 година, по Договорот од Карловци. Иако поголемиот дел од покраината се кренала во бунт по избувнувањето на Грчката војна за независност во 1821 година, главниот град Лепанто останал во отомански раце до 12 март 1829 година, кога дошол под грчка контрола.
Административна поделба Првично, санџакот бил дел од Румелискиот Пашалак, но по 1533 година бил подреден на новиот Островски Пашалак.
Според географот од 17 век, Хаџи Калифа, покраината опфаќала шест кази („области“): самиот Инебахти (Навпакт), Каравари (Кравара), Абукор (Апокурос), Олендирек/Олундурук (Лидорики), Ѓолхисар (веројатно Лимнохори) и Карбенеш (Крпеница).
Изворите од почетокот на 19 век известуваат дека Санџакот во тоа време бил дел од Морејскиот Пашалак и повторно сочинувал шест кази: Инебахти, Абукор, Олендирек/Олундурук, Ѓолхисар, Кербенеш и Патраџик (Ипати).
Наводи
Категорија:Отоманска Грција Категорија:Санџаци на Отоманското Царство во Европа Категорија:Престаноци во 1829 година во Отоманското Царство Категорија:Појавено во 1499 година во Отоманското Царство Категорија:Историја на Фокија Категорија:Историја на Етолија-Акарнанија Категорија:Навпакт Категорија:Држави и територии прекинати во 1820-тите Категорија:Држави и територии настанати во 1499 година