Линк Реј (англ. Link Wray; 2 мај 1929 – 5 ноември 2005) ― влијателен американски гитарист, текстописец и пејач кој најголема популарност имал во доцните 1950-ти. Неговите дела имале огромно влијание врз развојот на музичките правци гаражен рок, сурф-рок, хард-рок и на музиката за гитара воопшто.
Негово највлијателно дело е инструменталната композиција „Rumble“ од 1958 година која влегла во топ-20 во САД; ова била една од првите композиции во рок музиката во која се користеле дисторзија и тремоло.
Ролинг Стоун го рангирал Реј на 45-то место на нивната листа од 100 најдобри гитаристи на сите времиња. Тој претходно двапати бил номиниран за внесување во Куќата на славата на рокенролот, а бил примен со Наградата за музичко влијание во 2023 година.
Живот Фред Линколн „Линк“ Реј Џуниор е роден на 2 мај 1929 година, во Дан, Северна Каролина; по националност бил три четвртини Шони (Индијанец). Детството го поминал во многу тешки услови, живеел во плитарки, без струја и греење, на училиште одел бос и парталав. Тој рекол и дека неговото семејство било дискриминирано, а имало и моменти кога морале да се кријат од Кју Клукс Кланот.
Од 1942 до 1955 година Реј со своето семејство живеел во Портсмут во Вирџинија. Таму тој ги основал неговите први групи: The Lucky Wray Band и The Palomino Ranch Gang.
Реј служел војска за време на Корејската војна (1950–53). Се разболел од туберкулоза, и една година бил хоспитализиран. За време на престојот во болница, лекарите му отстраниле едно белодробно крило, и предвидувале дека никогаш повеќе нема да може да пее.
Линк Реј од првите три брака, со Елизабет Канади Реј, Етел Тидвел Реј и Шерон Кол Реј, имал осум деца. На почетокот од 1980-тите, Реј се преселил во Данска и се оженил со Олив Поулсен, која станала негов менаџер.
Реј починал од срцева слабост во Копенхаген, на 5 ноември 2005 година, на 76-годишна возраст. Бил кремиран, а неговата пепел била закопана во криптата на христијанската црква во Копенхаген.
Музички стил и влијание Музичкиот стил на Линк Реј во 1950-тите бил „мешавина од кантри и рокабили“. Во 1960-тите се преориентирал кон гаражен рок под влијание на сурф-рок, во раните 1970-ти свирел свамп рок и кантри рок, а од доцните 70-ти свирел хард рок.
Реј се смета за изумител на квинтакордот. Според Каб Кода од AllMusic, инструменталните композиции на Реј ја поставиле основата на „хеви-метал, треш и која сакаш речи ја“ музика. Според Џереми Симондс, „Rumble“ помогнала за појавата на „панкот и хеви рокот“.
Делата на Линк Реј влијаеле на широк спектар на уметници. Џими Пејџ рекол дека Линк Реј има „вистински бунтовнички став“, а во документарниот филм „Може да стане гласно“ (It Might Get Loud) рекол дека имал големо влијание за време на почетоците на неговата кариера. Според Rolling Stone, Пит Тауншенд од The Who рекол: „Да не беа Линк Реј и Rumble, никогаш немаше да се фатам за гитара“. Марк Е. Смит од „The Fall“ во својата автобиографија напишал: „Единствени луѓе на кои навистина се огледував беа Линк Реј и Иги Поп“. Иги Поп и Нил ЈангArchived at Ghostarchive and the : исто така навеле дека Реј влијаел врз нивната работа.
Боб Дилан го споменува Реј во неговата песна „Sign Language“, која ја снимил во дует со Ерик Клептон во 1975 година. По смртта на Линк Реј во 2005 година, Боб Дилан и Брус Спрингстин на свои посебни концерти ја извеле мелодијата „Rumble“ во знак на почит кон влијателниот музичар.
Наводи
Надворешни врски
Rumble: The Indians Who Rocked the World Link Wray's entry at the Rockabilly Hall of Fame Archived 2007-06-08 at the Wayback Machine Perfect Sound Forever: Be Wild, Not Evil: The Link Wray Story Mr. Guitar's City After Dark: Link Wray Obituary Vernon Wray – features some unreleased Link photos Archived 2012-03-13 at the Wayback Machine
Категорија:Починати во 2005 година Категорија:Родени во 1929 година Категорија:Американски гитаристи Категорија:Сурф музичари Категорија:Свамп рок музичари Категорија:Гаражен рок музичари Категорија:Починати во Копенхаген Категорија:Американски кантри рок музичари Категорија:Американски хард рок музичари