мини|240x240пкс|Споменик Богојавление - Фаќач на крстот , поставен на пристаништето од каде се одржува главниот настан на фрлање на крстот Празнување на Водици во Охрид е духовно културно наследство според Националната класификација на културно наследство, 3.1.2.2.3. Ова празнување е меѓу најголемите и најзначајните празници и празнувања во годината. Се слават како дел од црковните празнувања, а истовремено се прославуваат и како народни празнувања проследени со народни обичаи. Празнувањето е поврзано со старото градско јадро на Охрид каде доминантно се одржуваат.
Датирање Според црковно-религиозните празнувања овој празник се славел уште во II век. За првпат водичарските празнувања во Охрид се спомнуваат во пишаните извори од XIX век и тоа кај К. Шапкарев и во „Македонските мелографи од крајот на XIX век“.
Опис на доброто За празнувањето на Водици карактеристично е бирањето на „кумови“ (по случаен избор), што укажува на постоење на една посебно интересна институција наречена „кумство на Свети Јован“, а тоа значи здружување на семејства во една посебна социјална организација, наречена „кумства“, „компании“ или „крстови“. Подготовките за овие празнувања започнуваат неколку дена пред празникот. мини|Црквата Св. Богородица Каменско Водичарските празнувања во Охрид започнуваат со денот пред големиот празник Богојавление, познат како Водокрст или Водопост (18 јануари) и се смета за еден од потешките пости во годината. На водопост се пости за вода, за „крстот“ и утрешното „крштевање“. На тој ден започнуваат подготовките околу предавањето на кумствата и крстовите. Крстовите од секоја компанија откако ќе се накитат со китки босилек и пари врзани со црвен конец, се носат во црква, каде што треба да се пее, односно да се чита молитва од страна на свештеникот. Се носи и котле со вода која исто така треба да се освети. При тој чин задолжително треба да се присутни и стариот и новиот кум, кои се договараат околу предавањето - „распашувањето“ и „опашувањето“ на кумствата и крстовите.
На самиот ден Водици (Богојавление - 19 јануари) или во народот познати како „Машки Водици“, во Охрид се одржуваат црковно-религиозни обреди. Значи, по завршувањето на литургиите од црквите Св. Богородица Каменско, Св. Никола Геракомија и Св. Ѓорѓија, од насобраниот народ се формираат процесии или литии, кои се упатуваат кон пристаништето, кон местото каде што ќе се светат водите на езерото. На чело на процесиите се свештениците, а по нив одат млади момчиња, облечени во бело руво, кои ги носат обредните реквизити: крстовите, црковните барјаци, икони и сл. Откако процесиите ќе се соберат на пристаништето владиката со група свештеници се качува на брод и откако претходно ќе го отпеат неколку пати „Во Јордание“ - Тропарот за Христовото крштевање - пред насобраниот народ се фрла крстот во Охридското Езеро. Група момчиња (однапред пријавени) веќе се во водата и се спремни за фаќање на крстот. Оној што ќе го фати крстот добива парична награда. Тој што ќе го фати крстот, го враќа на надлежниот свештеник, највисокиот по ранг од свештенството, ја пее „Во Јордание“, и добива награда. Потоа заедно со својата компанија или кумство, оди по куќите и со песни и веселби собира пари и подароци.
Последниот ден од водичарските празнувања, според црковниот календар, познат како Собор на Свети Јован Крстител (20 јануари) во Охрид е попознат како Женски Водици и е проследен со обичаи околу предавањето на кумствата. Исто така, на тој ден во Охрид, многу значајно е капењето на рибарите во водите на Охридското Езеро, кои традиционално го прославуваат „Денот на рибарите“, односно денот кога престанувала забраната за лов на охридската пастрмка, која траела еден месец. Воедно тие преку водите му оддавале почест на Свети Јован Крстител и на најголемото крштевање кое се случило претходниот ден и кога пред светот се покажало Светото тројство.
Потекло Водичарските празнувања во Охрид имаат врска со прасловенското паганство, кои христијанската црква успеала да ги асимилира, внесувајќи во нив нови елементи од христијанската религија.
Посебни карактеристики Древната традиција на Охриѓани за време на водичарските празнувања, односно фрлањето на чесниот крст во водите на Охридското Езеро, во современите социокултурни услови се манифестира преку колективноста, која се изразува преку масовната манифестација на водичарските групи т.н. „компании“, „кумства“ или „крстови“, формирани главно по сродство и се во тесна врска со осветување на водата и кумствата, па така:
- на водопост започнуваат подготовките околу предавањето на кумствата и крстовите,
- на Богојавление, познати како Машки Водици масовно се организира обредно фрлање на крст во водите на Охридското Езеро. Значи, по завршувањето на богослужбите во сите цркви од Охрид, од насобраниот народ се формираат процесии, кои се упатуваат кон пристаништето, односно местото каде што ќе се светат водите во езерото.
- на Женски Водици на „Денот на рибарите“, денот кога започнува мрестењето на пастрмката, колективно капење на рибарите и членовите од компанијата, чиј член го фатил крстот во водите на Охридското Езеро.
За време на хиерархиското редење на водичарските поворки - литии, на чело се наоѓаат свештениците, а по нив одат момчиња облечени во бели мантии, кои ги носат крстовите, црковните барјаци, иконите и сл., кои се симболи на христијанството, а по нив одат останатите учесници во обредниот церемонијал.
Загрозеност на доброто Степен на загрозеност
Водичарските празнувања во Охрид, се во фаза на обезличување, бидејќи изгубиле многу од своето првобитно значење и намена. Оттука степенот на загрозеност е висок, и затоа треба најитно да се стави под режим на заштита.
Причини/фактори на загрозеност
Причини што влијаат врз загрозеноста на водичарските празнувања во Охрид, се следниве:
прекин на усниот пренос од страна на државната политика во периодот на социјализмот која ги маргинализирала, забранувала обредите и обичаите од 1946 до 1984 година,
отсуство на пренесување на изворните форми при празнувањата,
вметнување на елементи од учесниците со кои се модифицира изворната форма,
недоволната едуцираност современите носители на овие многу значајни празнувања во градот Охрид при што спонтано навлегуваат и елементи на комерцијализација кои придонесуваат кон засилено губење на изворната состојба на фолклорното добро.
Негување на доброто Досегашните сознанија покажувале дека водичарските празнувања се негуваат на ниво на локални заедници и претставуваат сè уште жива обредна традиција карактеристична за западното етнокултурно и дијалектно подрачје, кое на автентичен начин се негува и на фестивалите во Републиката. Празнувањата на Водици во Охрид, во организација на здружението „Богојавление“ ја отвориле новата и современа страница на оваа многу значајна културна појава, која претставува спој меѓу традиционалното и современото културно изразување на оваа многу важна етнокултурна форма во Републиката, веќе позната во светот. Во 1990 година била донесена одлука за дозволено јавно празнување на возобновеното масовно празнување на Водичарските празнувања во Охрид, кои од тогаш до денес се централни традиционални празнувања за кумствата, компаниите и вадењето на светиот крст од водите на Охридското Езеро.
Причини за валоризација Причини за валоризација на Богојавление во Охрид е:
1. Законската обврска да се валоризира и категоризира институцијата Богојавление во Охрид, како дел од нематеријалното културно наследство;
2. Утврдувањето на степен на заштита според:
Законот за заштита на културното наследство - Сл. весник на РМ, бр. 2004; членови: 101, 113, 175; Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство - декември 2005; Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство (Париз 2003) ратификувана во мај 2006 (Службен весник на РМ, бр. 59/06).
Вредности и значење на доборото Водици во Охрид обединува повеќе карактеристики на старата македонска обредна традиција. Како изворно и зачувано добро е од непроценливо значење за културниот идентитет на Македонците. Неговата интегралност изразена преку степенот на единство на неговите форми и функции во висока мера ги задоволува критериумите за неговото културно, уметничко, научно и општествено значење.
Критериуми врз кои е извршена валоризација на доброто Валоризацијата на празнувањата за време на Водици во Охрид, Република Македонија е извршена според Критерумите наведени во член 3 од Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство:
1. Критериуми што се однесуваат на својствата на доброто се:
Реткост - Степенот на зачуваноста на Водици во Охрид, Република Македонија е вистинска реткост да постои збирно духовно добро кое се манифестира кај нас, а кај другите јужнословенски и балкански народи речиси и не постои; Разновидност - Водици во Охрид, Република Македонија претставува комплекс од разновидни сегменти на културна манифестација преку која се изразува богатството на традиционалната култура на Охриѓани со сите стилски особености на овој жанр. Интегралноста - е изразена преку единството на формите и функциите на Водици во Охрид, Република Македонија. Зачуваноста - и покрај тоа што Водици во Охрид, Република Македонија се негува, во последно време, се појавуваат тенденции обезличување разводнување. Староста - Пронајдените етнографски извори од XIX век укажуваат дека водичарските празнувања во Охрид, Република Македонија влечат корени од прасловенското паганство, кое со христијанизацијата добива нови елементи. Тие укажуваат дека и од II век постоел ваков организиран облик во градот Охрид.
2. Критериуми што се однесуваат на функциите на доброто:
Воспитно-образовна функција - за едукација на младите генерации дека Водичарските празнувања се практикувале во Република Македонија во едно поблиско или подалечно минато. Научна функција - со проучувањето на Водици во Охрид, се добиваат значајни и релевантни податоци за традиционалните вредности на ова празнување во Македонија. Со тоа би се избегнале трансформациите кои се случуват воопшто со традицијата на овие многу значајни празнувања кај нас. Социо-културната демензија која ја пројавуваат водичарските празнувања во Охрид е цврсто втемелена во целокупното традиционално масовно функционирање жителите на градот Охрид за време на овие многу значајни празнувања Комуникациска функција на водичарските празнувања во Охрид, Република Македонија е најсилна и се изразува при пренесувањето на традиционалните културни вредности на младите генерации. Информативна функција е дака водичарските празнувања во Охрид, Република Македонија како посебна традиционална институција кај македонците постоело во едно поблиско и подалечно минато, а постои и денес, за што сведочат бројните објави на интернет страниците врзани за градот Охрид.
3. Критериуми што се однесуваат на значењето на доброто:
Културното значење е дека водичарските празнувања во Охрид со векови се негувале и со генерации се пренесувале и претставуваат сè уште живо и активно традиционално изразување во западномакедонските обредни и верски традиции, кое прерасна во многу значајна културна институција во градот Охрид, позната во земајата и светот, со што се отвораат можности за развој на културниот туризам во градот, во која би земале учество и туристи од други земји во светот. Историското значење е дека преку проучувањето на водичарските празнувања може да се добијат релеватни податоци за историските збиднувања и процеси коишто се одвивале во минатото во градот Охрид како и на територијата на денешна, Република Македонија. Научното значење е дека со збогатување на националната датабаза за компаративни проучувања на празнувања врзани за водичарските празнувања во Охрид, од областа на етнологијата и етномузикологијата и ја потенцира научната вредност на ова добро, со што би се обезбедил континуитетот на традиционалните изворни форми на празнувањето.
Образложение за категоризација