Куќа на Бојаџијан Хофсед — куќа во скопската населба Дебар Маало. Таа е прогласена за Споменик на културата под називот Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 109.
Историја По нарачка на лекарот Бојаџијан Хофсед, архитектот Иван Артемушкин во 1930 година, ја проектирал неговата семејна куќа. Првобитниот дизајн бил изработен од архитектот Бранислав Којиќ, со сосема поинаков габарит и естетика, но сепак, крајната изведба била дизајнирана од архитектот Артемушкин.
Во 2003 година, подрумските простории на куќата биле пренаменети во угостителски простор.
Во неодредено време, биле направени разни интервенции и промени: затворени биле покривните тераси заради доградба на станбени површини; била променета првичната влезна врата во градбата, и наместо неа поставени биле две помали врати од различни материјали (едната е влез во станбените единици, а другата води кон подрумските простории каде е сместена угостителска содржина; извесен број на првичните дрвени прозорци биле заменети со ПВЦ; пред приземјето, до самата градба била поставена привремена градба (надворешна тераса на ресторанот кој е во подрумот на куќата); на југозападната фасада поставен бил лимен димник за потребите на ресторанот во подрумот, кој се протега по целата висина; на балконот на југозападната фасада била поставена лимена настрешница.
Зградата била прогласена за значајно културно наследство врз основа на Уп. бр. 18-426/2015 од 26 јануари 2016 година.
Архитектура и особености Архитектонското обликување на куќата е во духот на еклектицизмот со примеси на српско-источноримскиот стил, што е најизразено во фасадната обработка која изобилува со богата класична украсна пластика и истурени балкони.
Во приземјето биле сместени содржините за амбулантата како и стан за наем. На катот била сместен станот на семејството Хофсед. Подрумот бил наменет за остава, сместување на дрво и остава. Во куќата се пристапува преку два влеза. Главниот влез за станбените простории во средината на зградата и пристапот до амбулантата преку посебно скалишно јадро на јужната страна. Градбата била изградена во масивен конструктивен систем. Според изворниот технички опис, зградата била подигната од тврд материјал, темели и подрумски ѕидови се изработени од набиен бетон. Ѕидовите на приземјето и на првиот кат се од добро печена тула во варов малтер во сооднос 1:3. Ѕидовите на приземјето се дебели 45 цм, додека на првиот кат 30 цм. Градбата има стандардна армирано-бетонска меѓукатна конструкција. Покривната конструкција е од чамово дрво. Покривот е повеќеводен и е со ќерамиди и отворени рамни тераси. Новиот покрив е исто така со ќерамиди и има затворени покривни тераси со лимени покриви. Над влезниот хол била предвидена купола чија изведба е непозната. Фасадите се претставителни, изработени со варов малтер и испрскани во боја, со богата класична украсна пластика во вид на медалјони, релјефи, ниши, мноштво на прозорски отвори и истурени балкони со украсни огради. Надворешната столарија се состои од дрвени прозорци и врати. Балконските огради, заштитните огради на прозорците и оградата на скалите се изведени од ковано железо. Голем дел од првичните дрвени прозорци биле заменети со ПВЦ. Била променета е првичната влезна врата во градбата, и наместо неа бил поставени две помали врати од различни материјали.
Скалите во ходниците се со терацо обработка. Скалите имаат украсена ограда, изработена од ковано железо со дрвен ракофат. Влезните врати се дрвени и обоени во бела боја.
Градбата има статус на значајно културно наследство со режим на заштита од втор степен. Контактната зона на градбата е со режим на заштита од трет степен.
Поврзано Зграда на бул. „Илинден“ бр. 41 Зграда на Детски културен центар „Карпош“ (бул. „Илинден“ бр. 53) Зграда на бул. „Илинден“ бр. 63 Зграда на бул. „Илинден“ бр. 68 Рубенова палата (Зграда на бул. „Илинден“ бр. 80) Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 83а Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 88 Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 108 Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 115 Зграда на Министерството за култура (ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61) Зграда на ул. „Аминта Трети“ бр. 17 Зграда на ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 82 Зграда на ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 88 Зграда на ул. „Раде Кончар“ („Живко Чинго“/„Боемска“) бр. 4а Зграда на Ташковиќ Зграда на Кубеш
Наводи
Надворешни врски
Службено мрежно место на Управата за заштита на културното наследство
ул. „Орце Николов“ бр. 109 Категорија:Дебар Маало Категорија:Појавено во 1930 година во Македонија