мини|284x284пкс|Албанските дијалекти. Со зелено се претставени гегиските говори. Гегискиот говор — дијалект , еден од двата основни дијалекта на албанскиот јазик покрај тоскискиот дијалект. Албанските гегиски говори во Македонија спаѓаат во источната група на централногегискиот (средногегискиот) говор. Дијалектите на албанскиот јазик се дел од нематеријалното културно наследство според Националната класификација на културно наследство 3.2.2.1.1.  од УЗКН.

Опис на доброто Досегашните лингвистички истражувања на албанските говори во Македонија, иако се скромни, сепак  даваат  јасна слика и овозможуваат да се извлечат определени заклучоци, па макар и почетни, за нивните основни јазични карактеристики и за местото што го заземаат во дијалектната структура на албанскиот јазик. Албанските говори во Македонија, како периферно подрачје на албанската дијалектна почва, уште поодамна го привлекувале вниманието на лингвистите (балканисти, романисти, слависти, албанолози и сл.). Албанските говори во Македонија биле предмет на истрачување од неколку истакнати лингвисти. Имено, за одделни албански говори во минатото пишувале: Ј. Г. Хан, Н. Јокл, С. Младенов, А. М. Селишчев, П. Скок, К. Талијавини, Г. Елезовиќ, А. Белиќ и некои други. Подоцна за истражувањето на некои од тие говори значаен придонес дадоа и други автори (П. Јанура, О. Ј. Настева, Р. Несими, А. Пољоска, А. Зенку, Х. Имери, Ќ. Мурати, С. Харуни, З. Османи, А. Хамити и др.). Со оглед на тоа што овие говори секогаш биле во (не)словенско   јазично соседство (особено е забележително влијанието на јужнословенските јазици, во прв ред на македонскиот и српскохрватскиот, потоа уште и на турскиот, грчкиот и ароманскиот јазик, којшто отсекогаш имал пресудна улога), во нив се конзервирале  многу архаични лексички особености и од другите балкански јазици. Тука мислиме на балканскиот латински, на грчкиот, ароманскиот и турскиот јазик, со чија помош може да се реконструираат различните фази во развојот на јазичните и дијалектните  појави. Од друга страна, пак, ова јазично подрачје е огниште на ред иновациски појави, кои во голем дел се резултат на меѓудијалектниот контакт и интерференцијата со (не)словенските јазици во средината. Извесен број лексички елементи од овие јазици биле позајмувани во албанскиот јазик во текот на различни фази од историскиот развој, а дел од нив се прифатени и во литературниот албански јазик. Во овој контекст, сите овие јазични појави и карактеристики се мошне интересни и за проучување на одделни прашања од доменот на јазиците во контакт, социолингвистиката, историјата и дијалектологијата на јазиците и сл.

Албанските гегиски говор во Р Македонија Досега се направени дијалектолошки истражувања во неколку пунктови за албанските говори во Македонија, односно се објавени следните студии и монографии:  Албанскиот говор на Врапчиште на север од Гостивар од Н. Јокл;  Галичкиот говор (Горна Река, Долината на Голема Радика);  Гостиварскиот говор  (говорот на Полог во горниот тек на реката Вардар) , Тетовскиот и кумановскиот говор од Ст. Младенов;   Говорот на Албанците од скопско од П. Скок; Албанскиот  говор на Кичевската котлина од А. Зенку;  Албанскиот говор на Зајас (Кичевско) од А. Селими;  Тетовскиот говор на Дервен од И. Хисени;  Албанскиот полошки говор од П. Јанура; Албанскиот говор на с.Тухин (Кичевско) од Ќ. Мурати,  Албанскиот  говор на градот Дебар од Н. Баша, Албанскиот преспански говор од З. Османи  и Горнореканскиот албански говор (Гостиварско) од С. Харуни . Од необјавените дијалектолошки студии  и монографии за албанските говори во Македонија би ги спомнале  следните:  Албанскиот говор на тетовско и на Дервен од Р. Несими; Албанскиот говор на Гостивар од Ф. Речани;  Тоскискиот албански говор од струшко од Е. Хоџа;  Албанскиот  говор на Куманово и Албанскиот говор на Маркова Река (Скопско)  од  Х.  Имери; Албанскиот говор на скопските села Брест и Танушевци од А. Хамити и  Албанските говори  од  битолско од З. Османи Говорот на Албанците во Преспа; М. Ибрахими, Албанскиот говор на селата од Прилепско и Крушевско.

Исто така, албанските говори во Македонија биле предмет на истражување и во албанскиот дијалектен атлас  (АДГЈСХ) . Материјалите за албанскиот дијалектен атлас, главно, се ексцерпирани во следните пунктови: Танушевци (60 - Скопска Црна Гора), Одри (43 - Тетовско), Тетово (83), Црни Врв (104 - Скопско), Равен (90 -Гостиварско), Зајас (94 -Кичевско), Танушане (89 - Горна Река), Дебар (93), Житоше (105 - Крушевско) и во Ресен (106 - Преспанско). Утврдените и назначени пунктови даваат можност да се забележат основните фонетско-фонолошки и морфолошки особености  на албанските говори во Македонија, како и да се определи местото што тие го заземаат во дијалектната структура на албанскиот јазик. Описот и анализата на фонетскиот систем на албанските говори во Македонија ќе придонесат не само во областа на албанистиката, туку и ќе објаснат некои појави во фонетскиот систем на пограничните западни и југозападни македонски говори кои настанале поради интензивните меѓусебни јазични и лексички контакти.

Локација Географско-дијалектна граница

На територијата на Западна Македонија, поточно  јужно од Струга, минува границата што ги дели  двата основни дијалекта на албанскиот јазик:  гегискиот( на север )  и   тоскискиот (на  југ) . Двата албански дијалекти, гегискиот (северно од реката Шкумбин) и тоскискиот (јужно од оваа река) се разликуваат, главно на фонетско рамниште. Од поважните диференцијални црти треба да се спомне преоѓањето на интервокалното н > р (н>р) и алтернацијата на акцентираните самогласки а, е во Ш, пред назалните согласки во јужниот дијалект, односно отсуството на истите појави во северниот, каде што, главно, е сочувана назалната артикулација на самогласките пред назалните согласки . Природно е дека тие имаат и други разликувачки особености, како што е присуството на инфинитивот од типот ме ба (да правам), во гегискиот, наспрема неговото отсуство во тоскискиот, и др.

Се работи за една општа поделба, бидејќи разликувачките елементи на едниот дијалект се простираат и од другата страна на реката Шкумбин. Јужно од Струга, во крајбрежјето на Охридското и Преспанското Езеро, како и во некои битолски села, се простираат говорите на јужниот  или тоскиски дијалект, додека  северно од Струга, во правецот Куманово - Скопје - Тетово - Гостивар - Кичево - Дебар се простираат говорите на северниот  албански  дијалект или гегискиот. Значајна линија на изоглоси што ги дели двата дијалектни региона, минува низ ареалот на југ од долината на реката Шкумбин во Албанија, а потоа по должината на северниот брег на Охридското Езеро во Македонија. Како "граница" меѓу двата албански дијалекта се т. н. транзитни (преодни) албански говори.

Посебни карактеристики Меѓу лингвистите Н. Јокл е првиот кој  прави обид за утврдување на местото на албанските гегиски говори во Македонија во дијалектната структура на овој дијалектен комплекс.  Во 1915 година, зборувајќи  за особеностите на говорот од Врапчиште (северно од Гостивар), тој забележал дека албанското население зборува на еден дијалект што  припаѓа на источната  група.  Со ова тогаш го прифаќал постоењето на една источна група гегиски говори . Познатиот германски лингвист М. Ламберц, во 1916 година не ги опфаќаше албанските говори во Македонија меѓу дијалектната поделба на гегискиот. Меѓутоа, негова заслуга е што говорите на Мирдита, Лура и Мат (Р. Албанија) ги изделил како една посебна дијалектна единица од другите гегиски говори . Во 1936 година албанските говори од Македонија, Е. Чабеј  не ги опфаќал во дијалектната поделба на гегискиот. Меѓутоа,   заслугата била негова што албанскиот дебарски говор го изделил како засебен поддијалект, различен од јужногегискиот  (Тирана, Елбасан, Драч), од северозападниот гегиски (Скадар, Малесија)  и од  североисточниот гегиски  дијалект (Косово) . Исто така, и Ј. Рота не ги опфаќал албанските говори во Македонија при дијалектната поделба на гегискиот . Како поддијалекти на гегискиот тој ги сметал: поддијалектот на Косово,  Скадарска Малесија, Круја, градот Скадар, Мирдита, Пука, Мат и др.

Во 1942 година, пишувајќи за албанските говори, односно за т. н.   Северозападни говори на Дарданија и Македонија,  меѓу другото, К. Талијавини  истакнал дека:

"овие говори, и покрај нивните големи разлики, имаат и заеднички особености. Во еден поширок лингвистички ареал т. е. простор, што приближно се протега од истекот на реката Валбона во Бели Дрим на запад (во границите на Албанија), и до околината на Лесковац, во Р. Србија, на исток и од Нови Пазар, од север  до Струга  над Охридското Езеро на југ, од страна на албанското население, некаде повеќе, а некаде помалку измешано со словенско население, се зборуваат дијалекти кои можеме  да  ги нарекуваме  источногегиски. Како граница на истражувањата може да се означи Струга, иако во градот се зборува еден дијалект од тоскиски тип, додека во селата понасевер завршуваат изоглосите на источногегискиот" . 

К. Талијавини ги опфаќал албанските говори во Македонија во една група говори заедно со албанските говори на Косово. Овие говори, тој  ги нарекувал   "говори од типот на источногегискиот поддијалект".

Во 1943 и 1959 година, во согласност со К. Талијавини, албанските говори во Македонија, М. Ламберц ги опфаќал во една дијалектна целина  со албанските говори на Косово и истите ги нарекувал "североисточни и источни гегиски говори" или  "говори на северозападна Дарданија и Македонија" .

Уште во 1962 година, за разлика од претходните лингвисти, албанскиот дијалектолог Б. Беци албанските говори во Македонија ги опфаќал во средногегиските говори заедно со говорите на Круја и на Котлината на Круја, Мат, Мирдита и Дебар,  изделувајќи ги  како една засебна дијалектна единица,  наспроти северногегиските и јужногегиските албански говори .

А. В. Десницкаја, од една страна, го прифаќал и го поддржувал мислењето за местото  на албанските говори на Македонија  изнесено од Б. Беци, а  од друга страна не ја прифаќал класификацијата предложена од  Ј. Ѓинари, кој гегиските говори во северозападна Македонија, како што вели таа, "без јасна основа", ги сместувал во целината на  северните гегиски говори .

Општо земено, без да навлегуваме во детали за изнесените мислења и дискусии околу овој проблем, можеме  слободно да го прифатиме  мислењето дека, "албанските говори во денешна Западна Македонија имаат многу допирни точки и се  блиски со говорите на Круја, Мат, Мирдита  и  Дебар, на запад. Заедно со овие говори, тие сочинуваат една посебна дијалектна  целина,  средногегискиот (централногегискиот) говор, кој се спротивставува на северногегискиот и јужногегискиот говор" .

Основните карактеристики што ги поврзуваат албанските говори во Македонија со средногегиските  се следните: 1. Дифтонгизација на акцентираниот вокал и (и)  во секундарен дифтонг и негово преминување, во неколку случаи, во прости вокали, сп: алб. дхи > дхаи, дхаеи, дхаëи, дхëи, дхои  и  дхе 'коза', фис > фаис, феис, 'род, роднина', ситë > саита, сеита 'сито'  и др. Оваа фонетска појава е забележана, според С. Младенов, во регионите на Галичник (Горна Река, низ текот на реката Радика), Гостивар  (Полог - горниот тек на реката Вардар)  и Тетово, според Н. Јокл, во Врапчиште (северно од Гостивар) и, според Скок, во Скопската Котлина (со исклучок на селата Нерези, Крушопек, Грчец, Света Петка, Јаболце, Патишка Река и Црни Врв) . Според Р. Несими, оваа појава била забележана во албанските говори на Куманово, Прилеп, Крушево, како и во Западна Македонија, со исклучок на албанскиот говор во Горна Река (Гостиварско). Исто така, оваа појава е карактеристична и во струшките села (со исклучок на селата Франгово, Калишта и Радолишта, што припаѓаат на тоскиските говори, односно на т. н. "преодни или транзитни говори"  на транзитната зона) . Според Ќ. Мурати и И. Хисени,  вокалот   и  (и)  се дифтонгизира и во албанскиот говор на с. Тухин (Кичевско)  и  Дервен  (Тетовско) .