All Saints ― англиска женска група основана во Лондон во 1993 година. Групата била основана под името All Saints 1.9.7.5 од музичкиот менаџер Рон Том. Во групата членувале: Мелани Блат, Шазнеј Луис и Симон Рејнфорд. Рејнфорд си заминала од групата во 1995 година. Во 1996 година, на групата ѝ се придружиле сестрите Никол и Натали Еплтон, а групата потпишала договор со London Records.

All Saints биле дел од бранот на британски женски групи во 1990-тите, а нивниот прв албум, All Saints (1997), денес е трет најпродаван албум од женска група во Обединетото Кралство на сите времиња. Нивниот сингл „Never Ever“ е трет најпродаван сингл од женска група во Обединетото Кралство; зад „Wannabe“ од Spice Girls и „Shout Out to My Ex“ од Little Mix. Групата исто така освоила две Брит-награди: „Најдобар британски сингл“ и „Најдобро британско видео“, а била номинирана за „Најдобар нов британски изведувач“. Групата се распаднала во 2001 година.

Историја

1993–1996: Основање и промени во составот Мелани Блат и Шaзнeј Луис кариерата ја започнале со пеење придружни вокали во студиото за снимање ZTT во близина на All Saints Road во Лондон. Во 1993 година, Блат, Луис и Симон Рејнфорд потпишале договор со ZTT Records, а музичкиот менаџер од Sugababes, Рон Том, одлучил од нив да направи група. Првото име кое го усвила групата било All Saints 1.9.7.5., според улицата на која се наоѓало студиото за снимање и годината на раѓање на членовите од групата. Проблемите започнале кога триото не можело да одлучи каква музика сака да прави. Исто така, Рејнфорд не се согласувала со другите девојки и во 1995 година ја напуштила групата. По вториот неуспешен сингл, дуото (Блат и Луис) било исфрлено од ZTT Records.

Блат и Луис барале замена за Рејнфорд. По неколку аудиции, во мај 1996 година на групата ѝ се приклучиле канадските сестри Никол и Натали Еплтон.

1996–1999: Албум All Saints Откако во мај 1996 година основале нова група, четирите пејачки се запознале со Карл „Кеј-џи“ Гордон, поранешен член на групата Outlaw Posse, со кого го снимиле демото за „I Know Where It's At“. Групата почнала активно да бара издавачка куќа со која ќе потпише договор, но повеќето издавачки куќи барале од нив да бидат слични на Spice Girls, кои во тоа време станале светска сензација. Во ноември 1996 година групата потпишала договор со London Records. All Saints го снимиле нивниот прв албум, All Saints, со продуцентите: Гордон, Камерон Меквеј, Магнус Фајнс, Џон Бенсон, Џони Даглас и Нели Хупер.

Кон средината на 1997 година, првиот сингл од групата „I Know Where It's At“ се искачил на четврто место на топ-листата за синглови во Велика Британија. Со вториот сингл, „Never Ever“, издаден во ноември 1997 година, групата стекнала меѓународна популарност. Синглот бил продаден во 1.2 милиони примероци во Обединетото Кралство (двоен платинест сертификати од Британската фонографска индустрија) и во 1998 година на групата ѝ донел две BRIT награди: најдобар британски сингл и најдобро британско видео. Албумот All Saints бил издаден во октомври 1997 година. Се искачил на второ место на топ-листата за албуми во Обединетото Кралство и бил продаден во 1,5 милиони примероци. Третиот сингл од албумот била двојната А-страна „Under the Bridge / Lady Marmalade“, кој во мај 1998 година станал нивен втор сингл на прво место во Обединетото Кралство.

Албумот бил успешен во: Австралија (двојно платинест за продадени 140 000 примероци), Канада (тројно платинест, 300 000 примероци) и Соединетите Американски Држави, каде што All Saints беше сертифициран со платинест тираж од RIAA за продажба од еден милион примероци и од кој произлегле два топ-40 сингла на Billboard Hot 100: „I Know Where It's At“ и „Never Ever“. Во ноември 1998 година, All Saints ја добиле музичката награда MTV Europe за најдобар нов изведувач.

2000–2001: Следни изданија и распаѓање Во февруари 2000 година, All Saints го издале синглот „Pure Shores“ како саундтрак за филмот „Плажа“ (англ. The Beach). „Pure Shores“ станал нивен четврти сингл на прво место во Обединетото Кралство и втор најпродаван сингл во 2000 година; Песната освоила Ајвор Новело награда во категоријата „најизведено дело“. Исто така во 2000 година, сестрите Еплтон и Блат ја имале нивната прва филмска улога; глумеле во филмот Honest, режиран од поранешниот член на Eurythmics, Дејв Стјуарт. Филмот привлекол внимание за топлес сцените на сестрите Еплтон. Нивните изведби биле жестоко критикувани.

Во октомври 2000 година, All Saints го објавиле синглот „Black Coffee“, кој станал нивен петти и последен сингл на прво место во Обединетото Кралство. По синглот го издале нивниот втор студиски албум, Saints & Sinners, кој дебитирал на првото место на топ-листата за албуми во Обединетото Кралство. Третиот и последен сингл од албумот бил „All Hooked Up“, објавен во јануари 2001 година. Следниот месец, All Saints објавиле дека ќе направат пауза. Мелани Блат подоцна истата година изјавила дека е неизвесно дали ќе се реформираат, наведувајќи ги тешкотиите со финансиските и деловните аспекти на групата.

Во ноември 2001 година, издавачката куќа London Records објавила компилација со најголеми хитови под наслов All Hits. Во 2008 година, малку изменето издание од албумот било бесплатно делено како дел од промоцијата со The Mail on Sunday.

2006–денес: Обединувања и нови албуми На 24 јануари 2006 година, било објавено дека групата повторно се составила и дека потпишала договор со Parlophone. Третиот студиски албум од групата, Studio 1, бил издаден на 10 ноември 2006 година. Водечкиот сингл, „Rock Steady“ се искачил на трето место на топ-листата за синглови во Велика Британија. Албумот слабо се продавал и било објавено дека All Saints и Parlophone се разделиле, а групата ја откажала планираната турнеја во Велика Британија.

На 25 мај 2013 година, оригиналната членка на All Saints Симоне Рејнфорд починала од рак на бубрег еден месец по нејзиниот 38-ми роденден во нејзиниот дом во Гринич.

Во ноември 2013 година, било објавено дека групата официјално ќе се возобнови по втор пат за да ги поддржи Backstreet Boys на пет концерти во Обединетото Кралство и Ирска во 2014 година. На 8 април 2016 година All Saints го издале нивниот четврти студиски албум, Red Flag. Водечкиот сингл од албумот, „One Strike“, му претходел на албумот и бил издаден на 26 февруари 2016 година.

На 11 јули 2018 година групата го издала петтиот студиски албум, Testament. Првиот сингл од албумот, насловен како „Love Lasts Forever“, за прв пат бил емитуван на радио Би-Би-Си 2 на 31 мај 2018 година.

На 14 април 2020 година, групата објавила преработка на песната „Message in a Bottle“ со Стинг.

Дискографија

All Saints (1997) Saints & Sinners (2000) Studio 1 (2006) Red Flag (2016) Testament (2018)

Наводи

Надворешни врски

Официјална веб страна

Категорија:Англиски женски поп-групи Категорија:Англиски поп-групи Категорија:Добитници на MTV Europe музички награди Категорија:Добитници на Британски музички награди Категорија:Музички групи основани во 1993 Категорија:Музички групи распаднати во 2001 Категорија:Англиски денс музички групи Категорија:Тин-поп-групи Категорија:Британски современ ар-ен-би-групи Категорија:Музички групи од Лондон Категорија:Музички групи основани во 1993 година