The Allman Brothers Band (транскрипција: Олман брадерс бенд) ― американска рок-група основана во Џексонвил, Флорида, во 1969 година. Членови на групата биле: браќата Дуан Олман (слајд-гитара и водечка гитара) и Грег Олман (пејач, клавијатури, текстописец), како и Дики Бетс (водечка гитара, пејач, текстописец), Бери Окли (бас), Буч Тракс (тапани) и Џаи Џохани Јохансон (тапани). Потоа седиштето на групата го префрлиле во Мејкон, Џорџија. Нивните песни содржеле елементи на блуз, џез и кантри-музика.

Нивните први две студиски изданија, The Allman Brothers Band (1969) и Idlewild South (1970) (издадени од Capricorn Records), слабо се продавале, но се пробиле со нивното издание во живо од 1971 година, At Fillmore East. Албумот содржел проширени верзии од нивните песни „In Memory of Elizabeth Reed" и „Whipping Post“.

Водачот на групата Дуан Олман загинал во сообраќајна несреќа на 29 октомври 1971 година, а групата во негово сеќавање му го посветила албумот Eat a Peach (1972). Со овој двоен студиски албум во живо групата ја зацврстила својата популарност. На 11 ноември 1972 година, групата ги ангажирала клавијатуристот Чак Ливел и басистот Ламар Вилијамс за снимање на албумот Brothers and Sisters, издаден во 1973 година. Албумот ги содржел: хит-синглот „Ramblin' Man“ и инструменталната композиција „Jessica“, која станала радиска рок-класика и ја вивнало групата во првите редови на рок-музиката во 1970-тите. Поради внатрешни несогласувања групата се распаднала во 1976 година. Тие, со неколку кадровски промени, повторно се составиле кон крајот на истата деценија и повторно се распаднле во 1982 година.

Групата повторно се обединила во 1989 година, по што објавила низа нови албуми и често била на турнеи. Кон крајот на 1990-тите, Бетс ја напуштил групата. Во текот на 2000-тите поставата на групата била стабилна: со басистот Отеил Барбриџ и гитаристите Ворен Хејнс и Дерек Тракс (внук на нивниот оригинален тапанар). Групата станала позната по тоа што секоја пролет одржувале едномесечни концерти во њујоршкиот театар „Бикон“. Групата се повлекла од музиката по прошталниот концерт во театарот „Бикон“ во октомври 2014 година.

Буч Тракс починал од самонанесена прострелна рана на 24 јануари 2017 година, во Вест Палм Бич, Флорида, на 69-годишна возраст. Грег Олман починал од компликации од рак на црниот дроб на 27 мај 2017 година, во неговиот дом во Џорџија, исто така на 69 години. Дики Бетс починал на 18 април 2024 година, на 80-годишна возраст, од рак и хронична опструктивна белодробна болест.

Групата имала седум златни и четири платинести албуми. Во 1995 година била примена во Куќата на славата на рокенролот. Во 2004 година, списанието Ролинг Стоун ги ставило на 52-ро место на нивниот список од „100 најдобри музичари на сите времиња“.

Дискографија The Allman Brothers Band повеќе акцент ставале на нивните настапи во живо отколку на албумите. „Некако сме фрустрирани кога снимаме [во студио]“, рекол Дуан Олман во 1970 година. Затоа, овој список ги содржи сите студиски албуми и поголеми изданија во живо (неколку други изданија во живо биле издадени ретроспективно).

The Allman Brothers Band (1969) Idlewild South (1970) At Fillmore East (1971, live) Eat a Peach (1972, part live) Brothers and Sisters (1973) Win, Lose or Draw (1975) Wipe the Windows, Check the Oil, Dollar Gas (1976, во живо) Enlightened Rogues (1979) Reach for the Sky (1980) Brothers of the Road (1981) Seven Turns (1990) Shades of Two Worlds (1991) An Evening with the Allman Brothers Band: First Set (1992, во живо) Where It All Begins (1994) An Evening with the Allman Brothers Band: 2nd Set (1995, во живо) Peakin' at the Beacon (2000, во живо) Hittin' the Note (2003) One Way Out (2004, во живо)

Наводи

Надворешни врски

The Allman Brothers Band во Куќата на Славните на Рокенролот

Категорија:Музички групи основани во 1969 година Категорија:Добитници на Греми за животно дело Категорија:Американски блуз рок групи Категорија:Музички групи распаднати во 2014 Категорија:Музички групи возобновени во 1989 Категорија:Американски џез-рок музички групи Категорија:Американски секстети Категорија:Американски септети Категорија:Американски кантри-рок-групи Категорија:Американски блуз групи