Wham! ― англиско поп-дуо основано во 1981 година во чиј состав биле Џорџ Мајкл и Ендрју Риџли. Тие биле меѓу најуспешните поп-музичари во текот на 1980-тите, а од 1982 до 1986 година продале преку 30 милиони плочи во светски рамки.

Групата се распаднала во 1986 година. Пред распаѓањето, издале проштален сингл, „The Edge of Heaven“ и албум со најголеми хитови под наслов The Final, а одржале и проштален концерт насловен „Final“. Историја

Основање и почетоци Мајкл и Риџли се запознале додека биле ученици во училиштето во Буши, гратче во близина на градот Ватфорд во Хертфордшир. Тие почнале да свират заедно и со новни соученици ја основале групата The Executive, која била краткотраен проект во ска-музички стил. По распаѓањето на оваа група, Мајкл и Риџли решиле да основаат поп-дуо кое ќе биде популарно на светско ниво и ја основале групата Wham!

Wham! го издале нивниот прв албум „Fantastic“ во 1983 година. Овој албум веднаш станал успешен во Обединетото Кралство, и се искачил на врвот на Британската топ-листа за албуми. Сингловите како „Young Guns (Go for It!)“, „Wham Rap! (Enjoy What You Do)“, и „Club Tropicana“ станале хитови и го привлекле вниманието на помладата публика. Албумот „Fantastic“ го истакнал талентот на Мајкл како текстописец и продуцент, како и способноста на дуото да создава енергични и заразни поп-мелодии.

Светска слава со албумот Make It Big Откако потпишале со Epic Records, Wham! во 1984 година го издале нивниот втор албум Make It Big, со кој успеале да се пробијат на меѓународната музичка сцена. Овој албум содржел неколку од нивните најголеми хитови, вклучувајќи ги: „Wake Me Up Before You Go-Go“, „Freedom“, „Everything She Wants“, и легендарната балада „Careless Whisper“. Албумот Make It Big се искачил на прво место во повеќе земји и го потврдил статусот на Wham! како светски поп-ѕвезди.

На крајот од 1985 година, американското списание Билборд ја ставило „Wake Me Up Before You Go-Go“ на трето место и „Careless Whisper“ на прво место на нивниот список за песна на годината за 1985 година.

Иако песната „Careless Whisper“ се појавила на албумот од Wham!, таа била промовирана како соло-сингл од Џорџ Мајкл, што било предвесник за неговите амбиции како соло-музичар. Песната станала огромен хит и ја зацврстила репутацијата на Мајкл како еден од најталентираните пејачи и текстописци од неговата генерација.

Хуманитарни активности Во 1984 година, Wham! учествувале во проектот Band Aid со цел да соберат средства за борба против гладта во Етиопија. Тие биле дел од колективот на познати музичари кои ја снимиле песната „Do They Know It’s Christmas?“, која станала еден од најпродаваните синглови во историјата на британската музика.

Мајкл и Риџли се појавиле на сцената на Live Aid на 13 јули 1985 година (иако не настапиле како Wham!). Мајкл ја отпеал „Don't Let the Sun Go Down on Me“ со Елтон Џон, а Риџли ѝ се придружил на Кики Ди во низата придружни пејачи.

Распаѓање На врвот на нивната популарност, Џорџ Мајкл решил да продолжи со соло-кариера. Wham! го објавиле нивното разделување во 1986 година и на 28 јуни 1986 година одржале проштален концерт под наслов „The Final“ на стадионот Вембли во Лондон. Пред распаѓањето издале проштален сингл „The Edge of Heaven“ и албум со најголеми хитови насловен The Final.

Дискографија

Fantastic (1983) Make It Big (1984) Music from the Edge of Heaven (1986)

Филмографија

Wham! in China: Foreign Skies (1986) Wham! (2023)

Наводи

Надворешни врски

Wham! discography at Discogs

Категорија:Музички групи основани во 1981 година Категорија:Добитници на Британски музички награди Категорија:Музички групи распаднати во 1986 Категорија:Денс-поп групи Категорија:Англиски поп-групи