Западнонилска треска — зараза предизвикана од западнонилскиот вирус, кој вообичаено се шири од комарци. Кај околу 80 % од случаите има благи или воопшто нема симптоми. Околу 20 % од случаите развиваат треска, главоболка, повраќање, или осип. Кај помалку од 1 % од случаите, се јавува енцефалитис или менингитис, со вкочанетост во вратот, конфузност и епилептични напади. Закрепнувањето може да потрае со недели до месеци. Ризикот од смртност кај оние кај кои е зафатен нервниот систем е околу 10 проценти.

Западнонилскиот вирус (WNV) вообичаено се пренесува од комарци, главно преку инфицирани птици, кои се носители на болеста. Ретко вирусот се пренесува со трансплантација на крв и органи, или од мајка на бебе за време на бременоста, породувањето или доењето, но во други случаи не се пренесува од човек на човек. Ризикот за потежок облик на болеста е поголем кај лицата над 60 години и кај оние со други здравствени проблеми. Дијагнозата се поставува врз основа на симптомите и крвните анализи.

Не постои вакцина за луѓето. Најдобар начин да се намали ризикот од инфекција е да се избегнат убодите од комарци. Намалување на популацијата на комарци може да се постигне со елиминирање на застоени води во садови, олуци, базени и сл. Кога комарците не можат да бидат избегнати, можноста од убоди може да се намали со примена на репеленти и мрежи против комарци. Не постои специфичен третман за болеста; лековите против болка може да ги ублажат симптомите.

Вирусот бил откриен во Уганда во 1937, а прв пат бил детектиран во Северна Америка во 1999. WNV се јавува во Европа, Африка, Азија, Австралија, и Северна Америка. Во САД годишно се пријавуваат илјадници случаи, а највеќето во август и септември. Можна е појава и на епидемии на болеста. Тешка форма на болеста може да се појави и кај коњите, за кои е развиена и вакцина. Систем за надзор на птиците е корисен за рано откривање на потенцијална човечка епидемија.

Епидемија во 2026 г.

Во август 2026 г., Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје прогласиле епидемија на западнонилска треска на подрачјето на неколку општини и населби во Скопје (меѓу кои Кисела Вода, Аеродром, Бутел, Гази Баба, Илинден, Драчево, Пржино, Идризово, Јурумлери и Трубарево), како и поединечни случаи во други градови како Велес.

Според надлежните здравствени институции, поголемиот дел од заболените се повозрасни лица (главно мажи над 60 години), кои биле изложени на убоди од комарци за време на земјоделски и градинарски активности во раните утрински и приквечерните часови. Заболените развиле потешки форми на болеста, односно невроинвазивни форми како менингоенцефалитис, поради што голем дел од нив биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Како мерка за сопирање на ширењето на заразата, од страна на градските и општинските служби биле започнати вонредни терестрични и теренски акции за дезинсекција и уништување на ларвите од комарци во критичните точки со стоечка вода.

Наводи

Категорија:Вирусни зоонози Категорија:Болести кај птиците Категорија:Болести кај коњите Категорија:Тропски болести Категорија:Болести пренесувани од инсекти