мини|десно|Владан Десница Владан Десница (16 септември 1905, Задар — 4 март 1967, Загреб) — хрватски и југословенски писател.

Животопис Владан Десница е роден на 16 септември 1905 година во Задар. Основното и гимназиското образование го стекнал во родниот град, во Сплит и во Шибеник. Во Загреб и во Париз студирал право и филозофија, а дипломирал во Загреб во 1930 година. Во 1931 година престојувал во Рим. Втората светска војна го затекнува во родниот град, кој тогаш бил под италијанска окупација, а во 1943 година се вклучува во народноослободителната борба. По завршувањето на војната, во 1945 година се сели во Загреб, каде некое време работи како адвокат, а подоцна живее како професионален писател. Умрел на 4 март 1967 година во Загреб.Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 283.

Творештво Книжевната кариера на Десница започнала во 1934 година, кога го основал книжевно-историскиот годишник „Магазин на северна Далмација“ при што уредил два броја на оваа публиакција. Во 1950 година го објавил својот прв роман, „Зимско летување“, а две години подоцна ја објавил и првата збирка раскази, „Урнатини на сонцето“. Во 1955 година се појавила неговата втора збирка раскази, „Пролет во Бадровац“, а една година подоцна и третата збирка, „Овде, веднаш покрај нас“. Истата година ја објавил и првата стихозбирка, „Слепец на песочниот брег“. Во 1957 година се појавиле неговото најзначјано дело, романот „Пролетите на Иван Галеб“, како и книгата со есеи, „Приказна за типичното“. Во 1958 година ја добил Змаевата награда за романот „Пролетите на Иван Галеб“, а во 1959 година ја објавил збирката со новели, „Фратарот со зелена брада“. Во 1961 година била објавена неговата драма „Скалите на Јаков“, која истата година била поставена и на театарската сцена.

Осврт кон творештвото Книжевниот свет на Десница е светот на малите приморски места, прикажани во фиксираниот амбиент на минатото време. Притоа, тој во најголема мера се движи по теренот на своето детство и младоста, вклучувајќи ги во својот видокруг сите елементи од социологијата: раслоеноста на општеството, различните вери и нации во тој крај, разликите во културата итн. Притоа, тој ракува со тие елементи многу вешто и не застанува на надворешниот, декларативен план на својот свет. Со помош на својата дарба за прецизна опсервација и психолог по вокација, тој ги урамнотежува овие две особини во оркестриран и дисциплиниран метод пристапувајќи им на луѓето и на нештата однадвор и постепено продирајќи сè подлабоко во нив. Него најмногу го интересира „атмосферата на човекот“, односно збирот на особините, расположенијата, карактерот, менталитетот и „психолошката клима“ чија целина го дава конечниот впечаток за човекот. Десница ги познава и трагичната и хумористичната страна на своите ликови, но тој е дискретен и ја избегнува претераната драматичност и најчесто го бара човекот во рамнината на неговите мирни „вистински“ мигови. Хуман, но не и сентиментален, топол и близок со душата на своите ликови, но не мек и болежлив, вистинољубив, но не документарен, ироничен, но никогаш саркастичен, сликар на човечките физиономии со сите можни бои, но внатрешен декоратер на темните соби и засолништа, прецизен опсерватор, но не педантен и здодевен, Десница ги има сите својства потребни за извлекување на живот човек на книжевната виделина.Борислав Михајловић, „Иван Галеб Владана Деснице“, во: Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 5-6.

Темите и фабулите на неговите новели не се бизарни ниту исклучителни: еден млад клерик наеднаш полудува, еден стар господин го прегазува времето, на еден селанец му умира кравата, еден лекар по грешка го ослепува пациентот, еден судија е фатен во проневера итн. Она што е исклучително и ретко е убедливоста, вистинитоста, интензитетот на настаните, како и целосната живост која од некоја обична и неинтересна ангедота прави дожививање — со други зборови, тоа се старите, добри особини на реализмот. Ако кон тоа се додаде и критичкиот однос кон луѓето и речиси истата средина, па веднаш станува јасно зошто Десница често го споредуваат со Симо Матавуљ. Сепак, во споредба со Матавуљ, Десница е поразвиен и подисциплиниран во реченицата, како и порафиниран во психологијата. Кај него нема трага од старото, туку насекаде се присутни новите сознанија од психологијата, психоанализата, па дури и физиката. Добро хармонизираните реченици во новелите на Десница, делумно пренатрупани со атрибути, големата склоност кон дигресија и романсиерскиот распон неизбежно го одвеле Десница во подрачјето на романот. Првиот негов роман, „Зимско летување“, е добар, цврст, кохерентен, пластичен и интелигентен роман за судирот меѓу два света — светот на селаните и светот на граѓаните. Во ова дело, Десница успеал да ги зачува сите добри особини од своите новели: пластичниот опис, прецизната опсервација, возбудливото и убедливото чувство за атмосфера, ненадејните продори на фантазијата, префинетиот хумор, но зголемени со некои романсиерски својства, како: композициската ширина, полифонијата на личностите, целосната арома на текстот и смислата за проблемите. Токму овие квалитети се покажале во полна сила во романот „Пролетите на Иван Галеб“, правејќи од него првокласно дело кое претставува врв во творештвото на Десница.Борислав Михајловић, „Иван Галеб Владана Деснице“, во: Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 6-7.

Наводи

Категорија:Хрватски писатели Категорија:Југословенски писатели Категорија:Родени во 1905 година Категорија:Луѓе од Задар Категорија:Починати во 1967 година