The Shaggs ― американска рок-група основана во 1965 година во Фримонт, Њу Хемпшир. Групата била составена од сестрите Дороти „Дот“ Вигин (пејачка и главна гитара), Бети Вигин (пејачка и ритам-гитара), Хелен Вигин (тапани), а подоцна им се приклучила Рејчел Вигин (бас-гитара). Еден дел од музичките критичари нивната музика ја оцениле како една од најлошите на сите времиња, а други како дело со ненамерна брилијантност.
The Shaggs компонирале навидум едноставни и бизарни песни, при што користеле ненаштимани гитари, непостојани тактови, исклучени ритми, залутани мелодии и основни стихови. Според Ролинг Стоун, сестрите пееле како „лоботомизирани Trapp Family Singers“, а музичарот Тери Адамс нивната музика ја споредил со фри-џез композициите од Орнет Колман.
The Shaggs биле основани на инсистирање на нивниот татко, Остин Вигин, откако неговата мајка со читање на неговата дланка предвидела дека неговите ќерки ќе основаат популарна музичка група. Тој неколку години ги терал да вежбаат секој ден и еднаш неделно да настапуваат во градското собрание на Фримонт. Девојките не биле заинтересирани да станат музичари и не станале умешни во пишување песни или во музички изведби. Во 1969 година, Остин платил за снимањето на албумот, Philosophy of the World, кој бил дистрибуиран во ограничени количини од месна издавачка куќа. The Shaggs се распаднале во 1975 година по смртта на нивниот татко.
Во следните децении, албумот Philosophy of the World циркулирал меѓу музичарите и стекнал култни следбеници меѓу познати музичари како: Френк Запа, Бони Рејт и Курт Кобејн. По реиздавањето во 1980 година од Rounder Records, албумот добил позитивни критики за неговата уникатност од Rolling Stone и The Village Voice. The Shaggs станале предмет на фасцинација во 1990-тите откако се зголемил интересот за аутсајдерска музика и се сметаат за основоположници на овој жанр, а исто така групата имала големо влијание во развојот на тви-попот. Дот и Бети повторно се обединиле за концерти во 1999 и 2017 година; Хелен починала во 2006 година. Како Dot Wiggin Band, Дот, во 2013 година, објавила албум со претходно необјавени песни од Shaggs.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Музички групи основани во 1965 година Категорија:Семејни музички групи Категорија:Американски женски групи Категорија:Протопанк-групи Категорија:Музички групи распаднати во 1975 Категорија:Музички групи од Њу Хемпшир Категорија:Американски гаражни рок-групи Категорија:Аутсајдерски музичари