Лекарственик на Свети Јоаникиј (именуван како Лекаруша) — лекарственик напишан од Свети Јоаникиј Ракотински во 1884 година. Авторството е посведочено со негов своерачен потпис („Сия книга лекарство собралъ и писалъ Iωанникий Священоинокъ 1884 л. 30 Августъ“). Ракописот се чува во Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Содржина Лекарственикот на Свети Јоаникиј содржи 101 рецепт, од кои 94 се нумерирани, а останатите се дадени на крајот од ракописот. Списот започнува со христијански поуки во вид на прашања и одговори, потоа следи насловен дел именуван како ωглавленїе (еден вид содржина на лекарственикот, каде покрај упатството за лекување се дава и страницата каде тоа е запишано). Лекарственикот е напишан со делумно црковнословенско полууставно писмо (и по примерот на тогашните печатени изданија, содржи многу подновувања и измени), а делумно на современо ракописно писмо, употребувајќи и неколку графии од руската и од бугарската граѓанска кирилица (како щ,я,й). Со полуустав е напишана содржината на ракописот, првиот и половина од вториот рецепт, како и поголемиот дел од 39. до 94. упатство за лекување, а потоа и следните шест. Со брзопис, пак, е напишан останатиот текст (почетната страница, поголемиот дел од вториот рецепт и сите следни до 38., како и последниот рецепт којшто не е нумериран). Се претпоставува дека текстовите со брзопис се напишани лично од Свети Јоаникиј, додека другиот дел веројатно е напишан од негов соработник или помошник. Според стручњаците, од јазичен аспект, во него е најзначајна богатата лексика, а мешањето на особеностите од различни македонски наречја само посочува на компилациската особеност на ракописот, употребувајќи и ракописи што не биле пишувани на македонски народен јазик. Употребата на елементи, пак, својствени за нашиот јазичен простор упатува на тежнеењето на пишувачот да биде што е можно поразбирлив и поприфатлив за оние за кого и бил наменет овој лекарственик.

Лекарственикот е од исклучително значење за историјата на медицината на овие простори, имајќи предвид дека содржи упатства за подготовка на лекарства за многу заболувања (стомачни, белодробни, кожни и др.), со што сведочи не само за нивото на развој на месната народна медицина, туку и за степенот на развој на научната медицина во раздобјето кога е напишан овој ракопис.

Поврзано Јоаникиј Ракотински

Белешки

Наводи

Категорија:Македонски ракописи