Зоран Спасовски (Скопје 1974) ― македонски истражувач - лингвист, преведувач и научен соработник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ - Скопје. мини|Зоран Спасовски (2024)

Биографија и творештво Дипломирал во класата на професорите Лилјана Минова-Ѓуркова, Мито Миовски, Живко Цветковски, Људмил Спасов итн. Уште како студент активно се интересира за науката, врши научни истражувања и издава научни трудови. Првиот научен труд, насловен како „Обраќањето во македонскиот јазик“ го издава во 1999 како студент. Главното прашање со кое се занимава во овој труд е употребата на вокативните форми во македонскиот јазик (формите за обраќање - учителу, учителе, учителко, учителке). Трудот образложува дека двојните вокативни форми (на -у и -е за машки род и на -о и -е за женски) имаат и разлика во значењето и дека формите на -у за м.р. и -о за ж.р. се користат не за класично обраќање, туку за припишување карактеристика (и тоа најчесто во погрдна смисла - коњу, волу, овцо, кокошко и сл.), додека тие на -е и за м. и за ж.р. се користат за обраќање во вистинска смисла на зборот, обраќање од почит и убаво обраќање (професоре, професорке // докторе, докторке и сл.; дека обраќање од типот докторко, на пр., би предизвикало негативна конотација). Овој труд успешно е образложен и одбранет уште додека тој е студент. Остатокот од трудот се занимава со нормативни прашања, на пр., при почитателно обраќање, особено кон лица носители на високи (државни) функции, каде треба да стои вокативната форма (на пр., дали е правилно почитуван господине премиере, почитуван господин премиер, почитуван господин премиере или почитуван господине премиер (при што ставот е дека последната форма би требало да е правилна, со оглед што именката господин е овде носител на обраќањето и е модификатор на именката што означува функција; нема потреба насекаде да има обраќање - господине премиере, но некаде и треба да има - не господин премиер, бидејќи во таков случај ништо не сигнализира дека се работи за обраќање).

Како студент и постдипломец има пишувано и други научни трудови, кои уште не се објавени. Некои од нив се од сферата на историската реконструкција на словенските јазици, некои од општата лингвистика.

Работно искуство

Факултет за книжевност, Истанбулски универзитет, Р. Турција Институт за македонски јазик„Крсте Мисирков“ - Скопје

Полиња на интерес Примарно се занимава со лични имиња, презимиња и имиња на места. Освен тоа, се интересира и за историска лингвистика, фонологија, реконструктивен метод, делумно за етимологија и за социолингвистика. Исто така, се интересира и за претсловенски и ран словенски период, за античкомакедонскиот јазик од најстаро време (од времето на Асува, Арзава, од микенско време и времето на хетитските извори итн.), потоа јазиците во Византиската Империја и нивната интерференција итн. Го истражува и влијанието на турскиот врз македонскиот и пошироко врз балканските словенски јазици.

Активности Учествувал на врвни јазични конференции и присутен е на многу славистички, романистички и турколошки конгреси, симпозиуми и конференции во земјата и во странство, на пр. ИЦЛ (меѓународен лингвистички конгрес, врвна општојазична конференција), турколошки конгреси, славистички конференции итн.

Има преведено повеќе од дваесет романи и збирки поезија, претежно од турски и од англиски јазик.

Објавени дела

Научни дела

Турските морфолошко-лексички елементи во македонската топонимија, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Посебни изданија, кн. 93, Скопје 2024. İSBN 978-608-220-086-6 Обраќањето во македонскиот јазик , Литературен Збор XLVI 3-4, Скопје 1999, 67-82, ISSN 0024-4791 Скопскиот градски говор, Литературен Збор 1-3, Скопје 1998, ISSN 0024-4791 Македонскиот јазик од најстари времиња до денес: три слоја, Македоника Литера, Година V, Број 11-12, Скопје 2015 ISSN 1857-7539, UDK 82; 930.85 Историскиот развој на категоријата род во македонскиот јазик, Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (Дома и надвор), Институт за македонски јазик, Скопје 2021, 239-243. ISBN 978-608-220-073-6 Споредбен поглед кон појавата на кирилицата и глаголицата, Македонскиот јазик - Извор на научни истражувања, Институт за македонски јазик, Скопје 2022, 185-191. ISBN 978-608-220-077-4 За патронимискиот суфикс *–iti̭o во македонската и бугарската топонимија, Крсте Мисирков и македонскиот јазик - Извор на научни истражувања, Кн. 2, Институт за македонски јазик, Скопје ISBN 978-608-220-088-0

Пишува и на други теми како развојот на презимето во македонскиот јазик, двоименскиот именувачки образец (Гаврил + Радомир) како династички модел во Самуиловата династија, балкански социолингвистички феномени - пиџини, јазични сојузи и поголеми јазични целини (полицентрични јазици) итн.

Преводи

Избрани дела од Јунуз Емре, Обликовна, Скопје 2021 Златорилата (Çalıkuşu), Решат Нури Ѓунтекин, Обликовна, Скопје 2019 Вечерно сонце (Akşam Güneşi), Решат Нури Ѓунтекин, Обликовна, Скопје 2023 Второто пришествие на светот, или што сѐ не се случи во Истанбул (Dünyaya İkinci Geliş yahud İstanbul'da neler olmuş), Ахмет Митхад Ефенди, Словеника, Скопје 2023 Ѓаволот во нас (İçimizdeki Şeytan), Сабахатин Али, Алманах, Скопје 2021 Страст по кочии (Araba Sevdasi), Реџаизаде Махмут Екрем, Бегемот, Скопје 2020 Есенскомирисни гревови (Güz Kokulu Günahlar), Хакан Јаман, Словеника, Скопје 2022 Инстинктот на смртта (The Death Instinct), Џед Рубенфелд, Култура, Скопје 2012 Наследството од мајката (母の遺産―新聞小説) од Мизумура Минае, превод од англиски превод (Inheritance from Mother) од Џулиет Винтерс Карпентер, Словеника, Скопје 2024

и уште околу дваесет други новели, претежно класици од турскиот јазик.

Надворешни врски Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ - кадар