мини|Аљажева кула Аљажевата кула (сло: Aljažev stolp) е кула, засолниште за невреме и триагулациска точка на врвот на планината Триглав во северозападна Словенија. Заедно со Триглав, тој е обележје на Словенија и симбол на Словенците. Кулата е дизајнирана од Јакоб Аљаж, свештеник во горењското село Довје, кој ја подигнал во 1895 година. Денес е во сопственост на државата, а под грижа на Планинарско друштво Љубљана Матица, стои на парцела што ѝ припаѓа на општина Бохињ.

Историја На почетокот од 1895 година, со надеж дека ќе може да раководи со зголемениот интерес на странци за словенечките планини, Аљаж нацртал со креда на подот во неговата соба во парохијата на Довје планови за цилиндрична кула со знаме на нејзиниот врв. Во април таа година, тој го купил врвот на Триглав за сума од еден флорин од тогашната општина Довје. Откако го направил тоа, обезбедил право да изгради објект на своето сопствено недвижно добро.

Кулата била изградена од железо и челични лимови обложени со цинк, од Антон Бељец од Шентвид близу Љубљана. Тој и четворица работници ги донеле деловите на кулата до врвот на Триглав и ја составиле кулата за само пет часа на 7 август 1895 година. Церемонијата на нејзиното отворање и благословување се одржала во мал круг на 22 август таа година.

Аљаж го донирал засолништето на Словенечко планинарско друштво. Во почетокот, во кулата имало три столчиња со четири нозе, регистар за врвот, печка на алкохол и слика Триглавска панорама од Марко Пернхарт. .Подоцна, кулата била повеќепати пребојувана и реновирана од Алојз Кнафелц, и други. Во комунистичкиот период, како највисокото место на поранешна Југославија, таа била пребојувана во црвена боја и украсена со црвена ѕвезда. Сепак, таа во голема мера ја задржала својата оригинална појава. Ѕвездата била отстранета кратко пред распадот на Југославија.

По прогласувањето на словенечката независност во јуни 1991 година, словенечкото знаме било свечено подигнато на кулата. На 5 октомври 1999 година, кулата и нејзиното непосредно опкружување биле прогласени за место од национално културно значење за Словенија.

Кулата била отстранета од врвот со хеликоптер заради реновирање на 7 септември 2018 година, и повторно поставена на 3 октомври истата година.

Галерија

Наводи

Категорија:Кули во Словенија Категорија:Координати на Википодатоците