„Луѓе од пченка“ (шпански: Hombres de maíz) — роман на гватемалскиот писател Мигел Анхел Астуријас од 1949 година.

За делото Според Марио Варгас Љоса, „Луѓе од пченка“ е најтаинствениот и најконтроверзниот роман на Астуријас при што некои критичари го сметата за неговото најуспешно дело, додека други му забележуваат поради нарушувањето на целината на заплетот и на стилската херметичност. На пример, професорот Џералд Мартин, преведувач на делото на англиски јазик, во својот предговор на романот (двапати подолг од самиот роман) навел речиси 1 500 забелешки. Неговата теза е дека романот претставува обемна алегорија за она што му се случило на човечкиот род кога се распаднала племенската култура и кога била заменета со класното општество. Под телото на романот сележат мајанските и ацтечките извори кои непосредно или тангентно се искористени во него, почнувајќи од насловот и мотото („Овде жена, а јас сонувам“) до вознемирувачкиот мравјалник во кој се претвора човештвото на крајот до романот. Мартин покажува дека ненадејните промени во нарацијата и необичниот ритам на книгата не се без свое оправдание, туку се производ на древната смисла на постоењето на луѓето кои одржуваат религиски врски со природата и кои живеат во природната состојба. Од друга страна, сите елементи на магијата, празноверието, обредите и свеченостите со кои обилува книгата, Мартин ги споредил со константите кои Мирча Елијаде ги открил во верувањата и религиските обичаи на луѓето и со истражувањата на Јунг за митските форми во кои се изразува колективното несвесно. Астуријас имал свест за изворите што ги користел при што, преуредувајќи ги тие материјали и мешајќи ги со материјалите што самиот ги измислувал и користејќи ја техниката на автоматското пишување, Астуријас несвесно, интуитивно ги обликувал според системите на мислењето и митското творештво на првобитните општества. Уште една заслуга на Мартин е тоа што дал докази кои помогнале да се исправи уште една грешка за Астуријас — дека бил костумбристички писател. Навистина, Астуријас го користи локалниот речник, но тој јазик не е дексриптивистички и не е избран за да го прикаже живиот говор, туку од поетски и изразни причини. Астуријас воопшто не зборувал на некој од домородните гватемалски јазици, а обичаите прикажани во романот произлегуваат од книгите, а не од доживеаното искуство. Доказите што ги наведува Мартин, наспроти она во кое верувал самиот Астуријас кој често изјавувал дека неговото творештво стекнало општетсвена свест дури по овој роман, цврсто ја воспоставуваат сликата на книжевната имагинација вкоренета врз историјата на искоренувањето на првобитните култури. Оттука произлегува големиот парадокс: Астуријас бил голем ангажиран писател, дури и тогаш кога самиот не знаел дека е таков.Mario Vargas Ljosa, „Tri zapisa o Migelu Anhelu Asturijasu“, во: Migel Anhel Asturijas, Gospodin predsednik. Laguna, Beograd, 2023, стр. 18-21.

Наводи

Категорија:Дела на Мигел Анхел Астуријас Категорија:Книги од 1949 година Категорија:Книги на шпански јазик