Севил Шајдех (моминско име: Гамбек (добруџанско-татарски: Ğambek, кримскотурски: Cambek); родена на 4 декември 1964 година) — романски економист, државен службеник и политичар. На 21 декември 2016 година, таа била предложена од социјалдемократите за премиер на Романија, но предлогот бил одбиен од претседателот Клаус Јоханис.
Студии и кариера Шајдех била родена на 4 декември 1964 година во Констанца, Романија. Нејзината мајка Музел Гамбек (моминско име: Карпат) била од кримско-татарско потекло, а нејзиниот татко Саедин Гамбек е со турско потекло. Во 1987 година дипломирала на Факултетот за економско планирање и кибернетика, при Академијата за економски науки во Букурешт. Таа потоа работела во јавната администрација на округот Констанца, како шеф на Генералниот директорат за проекти. Во истиот период, таа била координатор на Националниот сојуз на советите на романските окрузи. Од 2012 година работи како државен секретар во Министерството за регионален развој.
Помеѓу мај и ноември 2015 година Шајдех била министер за регионален развој и јавна администрација во социјалдемократската влада предводена од Виктор Понта, како наследник на Ливиу Драгнеа.
На 21 декември 2016 година таа била посочена од партиите ПСД и АЛДЕ како кандидат за премиер на претседателот на Романија, Клаус Јоханис. Драгнеа, водачот на ПСД, посочил дека ќе ја задржи севкупната политичка одговорност за владата на Шајдех. Да била одобрена, таа ќе била првата жена и првата муслиманка на таа позиција. На 27 декември, Јоханис, кој бил од Национал-либералната партија, поразена од владината коалиција, ја отфрлил номинацијата, поради што Драгнеа и Калин Попеску-Таричеану, водачот на помалиот коалициски партнер, Алијанса на либералите и демократите, го обвиниле Јоханис дека размислува партиски и размислувале за негово отстранување од претседателска функција.
Личен живот Семејството Шајдех е од сунитска муслиманска вероисповед и припаѓало на одамна воспоставените турски и татарски етнички малцинства во Романија. Нејзината мајка е внука на турскиот историчар Кемал Карпат.
Таа е во брак со сирискиот бизнисмен Акрам Шајдех (арапски: أكرم شحيدة). Романскиот политичар Ливиу Драгнеа бил сведок на нивната свадбена церемонија во 2011 година. Според декларацијата за финансиски интереси од јули 2015 година, парот поседува три имоти во Сирија, еден во Латакија и два во Дамаск.
Наводи
Категорија:Луѓе од Констанца Категорија:Романски политичари Категорија:Живи луѓе Категорија:Родени во 1964 година