„Дом во тишина“ претставува есеистичка книга на современиот поет и писател, Никола Маџиров издадена во 2024 година, издание на издавачката куќа Арс Ламина-публикации во едицијата Македонски книжевни класици. Испечатена е во печатницата Бранко Гапо- графичко производство, Скопје во тираж од 300 примероци. Поговорот за книгата е напишан од Владимир Јанковски.Никола Маџиров, Дом во тишина, Скопје: Арс Ламина-публикации, Арс Либрис, 2024 Според уредничката на книгата, Оливера Ќорвезироска, се работи за исклучително значајна книга затоа што во неа „есеите имаат поетски облик, сè во врска со Никола Маџиров има поетски изглед“ .

Содржина „Дом во тишина“ е првата есеистичка книга на Никола Маџиров на македонски јазик. Новата публикација, што е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на којшто се напишани. „Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Маџиров, во својот јазик.

Изданието содржи триесетина есеи распоредени во три тематизирани циклуси именувани само со супстантивизирани придавки: Бездомни, Севремени и Епистоларни. Тоа што ја нема именката есеј во именувањето на циклусите е само уште една потврда за високо поетизираниот стил на Маџиров кога пишува и други нешта, не само поезија. Бездомни, Севремени и Епистоларни во конкретниот случај се однесуваат на есеи, но можат имплицитно да се однесуваат и на песни, животи, идеи, чувства, мисли итн…

„Дом во тишина“ содржи и поговор од Владимир Јанковски во кој на мошне прецизен, широк и високо компетентен начин се коментира неговото есеистичко писмо.

„Речиси сè во врска со Никола Маџиров е поезија. Така тој се однесува и кон пишувањето есеи. За него пишувањето есеи е само една нова форма на пишување поезија“, вели Јанковски и оди понатаму, дефинирајќи ги есеите на Маџиров дури и како песни во есеи, есеизирана поезија. Поетиката на Маџиров е база, темел и на неговите есеи. Дали пишува за јазикот, за поезијата или за конкретен автор, поет… Маџиров никогаш не се одлепува од стихот како метафора за неговиот творечки хабитус. Темите за кои ги има напишано своите најубави песни, Маџиров не ги напушта ни тогаш кога ќе ја напушти песната. Ги носи со себе и во друг жанр, овој пат (во „Дом во тишина“) ги носи во есеистиката. Домот, детството, пишувањето, смртта, тишината… се стожерите околу кои се врти и забрзува ова исклучително творештво создадено на македонски јазик.

Во Епистоларните (есеи), Маџиров споделува поетика со германскиот поет Јан Вагнер и со швајцарската авторка Моник Швитер, во духот на поранешните преписки од минатите времиња со класични писма. Овој циклус во книгата е отпечатен со старовремски фонт во манир на некогашните машини за чукање.

„Дом во тишина“ е многу значајна книга за современата македонска книжевност. Таа, како впрочем и претходната книга на Маџиров во „Арс Ламина“ – „Шестарот на времето“, го собира на едно место распрсканото од Маџиров. „Шестарот на времето“ ги собра сите негови песни, а во „Дом во тишина“ се најдоа сите негови есеи претходно публикувани во светот, на други јазици, но и сосем нови.

Наводи

Категорија:Македонска поезија Категорија:Дела на Никола Маџиров Категорија:Книги од 2024 година Категорија:Појавено во 2024 година во Македонија