„Вечна куќа“ — поезија на македонскиот писател Петре М. Андреевски од 1987 година.

Содржина Вечна куќа- тажаленки претставува еден специфичен вид на поезија и од самиот наслов може да се насети кој и што домува во Вечна куќа – оној и она што ги зграбила смртта во вечноста. Главната тема е физичкото напуштање на светот, но асоcијаcијата на тоа заминување е неповратноста, конечноста. Циклусите песни (Тоа таму, Секое нешто, Никој ништо...), што ја сочинуваат оваа стихозбирка, се чини како да сакаат да ја одземат силата на смртта неизговарајќи го нејзиното име. Низ наративни, а лирични слики, песните во Вечна куќа зборуваат за разделбата со покојниот, за верувањето дека мое да се случи враќање од невратот, ако лелекот и оплакувањето се доволно истрајни до претерување. За осаменоста на оние што остануваат и за вечните прашања: кога и каде ќе се сретнат животот и смртта и дали ќе го сакавме животот, да не беше смртта?Вечна куќа: тажаленки, Петре М. Андреевски, Скопје: Арс Ламина Публикации, Арс Либрис, 2020

Осврт за делото Книгата „Вечна куќа“ е составена од четири циклуси: Тоа таму, Секое нешто, Никој ништо и Мртва сабота. Како посебна песна се издвојува воведната песна Кукавица. На почетокот авторот пишува „Покажи ми каков му е гробот, да ти кажам каков живот имал: Дали умрел или воопшто не живеел.“ Петре М. Андреевски со својата особена лиричност низ овие тажаленки, песни кои нажалените ги „редат“ над своите мртовци, успева да ја избегне стапицата на драматичноста и да ги опише трагичните настани низ призмата на љубовта и недостасувањето. Често се пишува дека поетот може на необичен начин да го трансформира својот поетски глас, па така се јавува и како женски глас. Во првиот циклус на песните најмногу доаѓа до израз женското пеење, тажење, можеби затоа што тажаленките се поврзуваат иманентно со жените. Понатаму, тажењето се проширува на секој кој сакал, на вљубените, па пеењето/тажењето станува универзално. Во песната „Големата нунка“ посветена на мајка си, поетот се обидува да ја раскаже својата болка преку тажаленката. Особено е важно да се истакне лиричноста на овие песни, не само поради темата која се третира, туку и поради поетското мајсторство каде преку асонанца и алитерација песните долго одѕвонуваат во меморијата на читателот кој како да присуствувал на вистинска средба со смртта. „ ...Што отиде ненаоден,/ Недооружен, недослужен,/ненагледан,ненавиден...“ „ Кој да ја избрка болава, болко,/ кој да ја подбиде, да ме забиде...“

Поврзано

Петре М. Андреевски