„Еден друг град“ — збирка поезија од македонскиот писател Влада Урошевиќ, книга првенец на Влада Урошевиќ, која има програмско значење и прераснува во водечки (авто)поетички принцип релевантен за целокупната поетика на овој автор: во добропознатиот град авторот открива „еден друг град“, град „за кој не сум сосема сигурен / дека е означен на географските карти“ – како што вели лирскиот субјект во истоимената песна.
Осврт кон делото
Во нашиот секојдневен град кој е обичен, сив и банален, постои еден друг град кој во определени мигови се отвора пред нас и во кој ја откриваме неговата чудесност. И тој друг град не е помалку вистинит, автентичен, жив, духовно богат. Фасцинантно е доживувањето на градот како другост, во буквална, но и во преносна смисла. „Неговиот ‘друг град’ нема миметички карактер – ќе запише Милан Ѓурчинов по повод позицијата на Урошевиќ како типично урбан поет. И додава: „Сите тие условни глетки и пејзажи се доживуваат пред сè како објекти кои поетското око ги фиксира и разместува најчесто вон и наспроти логиката на познатото, реалното и вообичаеното”. Đurčinov, Milan. 1988. Nova makedonska književnost. Beograd: Nolit
Програмската определба за чудесното и за миракулизација на секојдневието, кристализирана веќе во збирката првенец на Урошевиќ, останува константна одредница на неговата поезија, иако во следните книги добива поинакви облици и функција. Во оваа прва книга се појавуваат и некои од најфреквентните тематско-мотивски особености карактеристични за поезијата на Урошевиќ во целина: детството, летото, сонот... Детството се врзува за есенцијалното доживување на светот и за „зачудноста“ на погледот на свет, летото како амбиент се доведува во корелација со медитеранските пејзажи, мириси и бои, како и со морето воопшто, а сонот е во едно нераскинливо созвучје со стварноста.
Во „Еден друг град“ се наоѓа и генезата на екфразиската поезија, чијшто голем поклоник ќе биде Урошевиќ. Конкретно, проникнувањето на зборот со ликовното, критиката го открива во песната „Летна прикаска“ каде што фигурира ликот на еден фотограф; иако необичен за една лирска песна, се смета дека овој лик добива своја целосна оправданост во следните стихозбирки низ творечката симбиоза на поетското со ликовното. Необичните слики проткаени со една суптилна и таинствена атмосфера, а засновани врз принципот аналогија, ќе станат препознатлив белег на поетската авантура на овој поет. Втората компонента иманентна за неговата поезија во целина, покрај визуелното, е еуфоничното. Урошевиќ важи за „извонреден версолог и редок версификатор“, за автор на „најсонорните наши песни“, за поет кој „фасцинира со своите јазични игри“. Старделов, Георги. 1996. „Поезијата на Влада Урошевиќ.“ Разгледи (XXXIX), април-мај, бр. 4-5, стр. 109-132.
Наводи
Категорија:Македонска книжевност Категорија:Книги од 1959 година Категорија:Дела на Влада Урошевиќ Категорија:Македонски дела од 1959 година Категорија:Македонска поезија