The Fragrant Flower Blooms with Dignity (македонски: Мирисливиот цвет цути достоинствено, ) — јапонска манга напишана и илустрирана од Сака Миками. Почнала да се серијализира на мрежната страница и примена Magazine Pocket на Kodansha во октомври 2021 г., со собрани 20 тома танкобон заклучно со октомври 2025 г. Адаптација на аниме-серија произведена од CloverWorks имала премиера во јули 2025 г.
Содржина Средното државно училиште „Чидори“ и приватното женско средно училиште „Кикјо“ се наоѓаат едно до друго, со спротивни угледи. Во „Чидори“ се запишуваат момчиња деликвенти од пониските класи, додека „Кикјо“ е престижна академија во која се запишуваат чесни и благородни девојки. Училиштата имаат долгогодишно соперништво.
Ученикот од „Чидори“, Ринтаро Цумуги, послужува муштерика, Каоруко Вагури, во пекарницата на неговото семејство. Тој е изненаден што Каоруко ја забележува неговата љубезност, а подоцна тој ја спасува од малтретирање од страна на деликвенти. Ринтаро открива, на негов шок, дека Каоруко го посетува приватното училиште „Кикјо“. Тие се стремат да дознаат повеќе еден за друг како што расте нивното пријателство.
Ликови
Главни ликови Ринтаро Цумуги (јап. 紬 凛太郎) — висок ученик (190 см) од машкото средно училиште „Чидори“, кој има добри намери, но другите го доживуваат како плашило. Тој има ниска самодоверба, често претпоставувајќи дека ќе биде сфатен како деликвент. Работи во семејната пекарница, каде што ја сретнува Каоруко и е изненаден што таа ја гледа неговата љубезност, а не неговиот застрашувачки изглед и училишна припадност. Поради тоа, тој постепено и постојано се вљубува во неа. Бидејќи Каоруко навистина ужива во тортите испечени во неговата продавница, откако почнуваат да излегуваат, тој се обидува да испече некои за неа за да ја види нејзината насмевка. Тој првично имал скромен изглед во основно, но го променил својот стил за време на средношколските години.
Каоруко Вагури (јап. 和栗 薫子) — убава, љубезна и грижлива млада ученичка од скромно семејство, запишана во приватното женско училиште „Кикјо“ со стипендија. Таа има одлични оценки и е многу ценета од нејзините врсници. Откако го запознала Ринтаро една судбоносна ноќ во неговата пекарница, кога тој ѝ покажал огромна срдечност и утеха во неволја, таа станува редовна муштерика во пекарницата и ја гледа љубезната природа на Ринтаро наместо неговиот застрашувачки изглед, и се вљубува во него веднаш откако ќе открие дека тој оди во училиштето до нејзиното. Таа е голема љубителка на печивата од пекарницата. Поради нејзината ситна градба, Ринтаро првично ја помешал со ученичка од основно.
Државно средно училиште „Чидори“ Шохеи Усами (јап. 宇佐美 翔平) — дружељубив и бодар другар и соученик на Ринтаро. Понекогаш шантав, тој е внимателен и создава позитивна атмосфера меѓу неговите другари. Нема огорченост кон ученичките од приватното училиште „Кикјо“ и дури посакува да излезе со една од девојките, иако често е обеспокоен со тоа како девојките се однесуваат кон момчињата во „Чидори“. Подоцна се наѕира дека можеби развива чувства кон Мадока.
Саку Нацусава (јап. 夏沢 朔) — паметен другар и соученик на Ринтаро, кој им дава приватни часови на Ринтаро и Шохеи за нивните тестови. Срамежлив, затворен и циничен, тој дава зајадливи забелешки за луѓето што се потсмеваат на неговите другари, иако има добри намери и тешко ги изразува своите мисли. На почетокот, со страст ги мрази ученичките од „Кикјо“ и е строго против Ринтаро да се гледа со Каоруко, што предизвикува привремена расправија меѓу нив. Меѓутоа, откако се помируваат, тој почнува да се зближува кон девојките и на крајот развива чувства кон Субару, откако ќе помине време со неа.
Ајато Јорита (јап. 依田 絢斗) — добродушен и прониклив пријател и соученик на Ринтаро, кој понекогаш се шегува на сметка на другите, но не се воздржува кога се работи за оние што ги повредуваат неговите другари. Вешт во самоодбрана, тој се обидува да избегне прибегнување кон насилство.
Приватно женско средно училиште „Кикјо“ Субару Хошина (јап. 保科 昴) — другарка од детството и соученичка на Каоруко. Таа обично е плашлива и непријатно ѝ е во друштво со момчиња поради малтретирање во минатото. Ја почитува Каоруко откако таа застанала во нејзина одбрана и сака да направи сѐ за да ја заштити. На почетокот е непријателски настроена кон Ринтаро и неговите другари, верувајќи дека би можеле да ја повредат Каоруко. Меѓутоа, откако ќе ја дознае нивната добрина, се спријателува со нив, а подоцна развива чувства кон Саку, откако ќе помине време со него.
Мадока Јузухара (јап. 柚原 円蚊) — другарка и соученичка на Каоруко, која не чувствува злоба кон учениците од „Чидори“, останувајќи рамнодушна кон соперништвото меѓу училиштата. Таа станува блиска со Ринтаро и неговите другари.
Воспримање The Fragrant Flower Blooms with Dignity била предложена за наградата „Гран-при за нова манга“ во 2022 г. во веб-категоријата и била сместена на шесто место од педесет предложени. Серијата исто така била предложена за наградата „Гран-при за стриповите на Tsutaya“ и се сместила на второ место. Била сместена на седмо место во „Препорачаните стрипови од вработените во книжарниците низ целата земја за 2023 г.“
Серијата била сместена за 47-та „Награда за манга на Kodansha“ во категоријата шонен во 2023 г., предложена е во истата категорија за 48-мото издание во 2024 г., како и за 49-тото издание во 2025 г.
До март 2025 г., мангата имала над 4,3 милиони примероци во оптек.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Манги Категорија:Аниме-серии Категорија:Манга од 2021 година