„Поделено небо“ (германски: Der geteilte Himmel) — роман на германската писателка Криста Волф од 1963 година.
Содржина Во август 1961 година, 19-годишната студентката Рита Зајдл, која преку летото работи во една фабрика, се онесвестува на работното место. Откако се освестува, таа неколку дена одбива да зборува со медицинскиот персонал, но по некое време закрепнува и го напушта санаториумот. За време на престојот во болницата, таа се присетува на настаните од своето блиско минато: Две години претходно, во нејзиното село доаѓа хемичарот Манфред Херфурт и тие започнуваат љубовна врска. Набргу, Рита добива можност да студира за учителка и така се сели во градот, каде живее заедно со Манфред во чие семејство владеат лоши односи. Додека студира, Рита работи во фабриката за вагони, како дел од една успешна и прославена работна бригада. Еден ден, раководителот на фабриката бега во Западен Берлин, што предизвикува застој во производството, а на неговото место е назначен нов раководител — младиот Ернест Вендланд. Во тие околности, раководителот на работната бригада, Гинтер Ермиш, запаѓа во очај и иницијативата ја презема мајсторот Ролф Метернагл, кој успева да ги поттикне работниците да го исполнат планот на производството. По тој повод се одржува бал на кој Рита ги засенува сите присутни. Кога завршува летниот распуст, Рита ги продолжува студиите на педагошката школа, каде се спријателува со Марион и, под нејзино влијание, ги менува своите животни навики. Манфред и неговите соработници подолго време работат на нова машина, меѓутоа неговиот изум е одбиен, а тоа предизвикува големо разочарување кај него. По некое време, тој заминува на хемиски конгрес во Западен Берлин и решава да остане таму. Тогаш, Рита се повлекуав во себе и никому не кажува за неговото бегство. И мајка му на Манфред има желба да побегне, но таткото се противи и наскоро таа претрпува срцев удар и умира. Рита добива писмо од Манфред и оди во Берлин за да се сретне со него. Тие заедно шетаат низ градот, но Рита не ја прифаќа поканата од Манфред да остане со него, туку се враќа назад. Во ноември, Рита ја напушта болницата и се враќа во куќата на семејството Херфурт. Таа дознава дека Метернагл е повторно сменет од работното место и дека е тешко болен, така што го посетува во неговиот дом, а оттаму си заминува цврсто решена да започне нов живот.Krista Volf, Podijeljeno nebo. Svjetlost, Sarajevo, 1966. Christa Wolf, Divided heaven. Seven Seas Publishers, Berlin, 1965.
Во својата рецензија, Татјана Праштало наведува дека со оваа книга Волф се претставува како суптилна и сентиментална писателка и како сликарка на приликите и настаните во Источна Германија. Сепак, таа не дава само исечоци од животот на едниот дел од Германија, туку кажува многу и за другиот дел од земјата, за поделеноста и границите меѓу Истокот и Западот. Притоа, со многу чувство и разбирање, убедливо и едноставно, Волф ја раскажува приказната за љубовта на една млада девојка.Krista Volf, Podijeljeno nebo. Svjetlost, Sarajevo, 1966. Волф ги прави сите ликови, дури и оние најспоредните, збирка на луѓе од крв и месо. Ова е книга исполнета со срце во сликањето на човечките суштества. Исто така, ова е приказна која му овозможува на читателот да го разбере значењето на животот за луѓето од поделената земја и од поделениот град. Најпосле, ова е книга која носи надеж за денот кога луѓето се обединат во името на подобрата иднина.Christa Wolf, Divided heaven. Seven Seas Publishers, Berlin, 1965, стр. 1.
За романот „Поделено небо“, Волф била наградена со наградата „Хајнрих Ман“ во 1963 година. Во таа прилика, жири-комисијата, составена од членови на Германската академија на уметностите, истакнале дека Волф успеала да опише што е ново во животот на Германците и да ги прикаже односите меѓу луѓето: основата на нивниот триумф над тешкотиите во животот, како и основата на нивните порази. Исто така, во одлуката на жири-комисијата се нагласува дека романот реалистично ги изразува како внатрешните така и надворешните судири на секојдневното искуство, покажувајќи длабоко сочувство за луѓето.Christa Wolf, Divided heaven. Seven Seas Publishers, Berlin, 1965, стр. 220.
Наводи
Категорија:Дела на Криста Волф Категорија:Германски романи Категорија:Книги од 1963 година Категорија:Романи на германски јазик Категорија:Романи кои се одвиваат во Германија