Балкански шпион — југословенскa комична драма која датира од 1984 година, режирана од Душан Ковачевиќ и Божидар Николиќ. Филмот е создаден врз основа на истоимената драма.
Дејството на филмот се одвива во Белград. Фимот започнува со Илија Чворовиќ, параноичен пензионер и поранешен сталинист, кој две години лежел затвор поради своите политички амбиции и убедувања. Поради паранојата која ја чувствува , тој постојано го гони својот подзакупец, кој се вратил од Франција, бидејќи смета дека тој е агент на темните империјалистички сили, непријател на државата и шпион.
Заплет Илија Чворовиќ (Бата Стојковиќ), бивш сталинист неколку години поминува во затвор на Голи Оток, контактиран е од полицијата со цел да одговори на прашања кои го засегаат него и неговиот закупец, Петар Марков Јаковљевиќ (Бора Тодоровиќ). Петар Марков Јаковљевиќ е бизнисмен кој поминал дваесет години живеејќи во Париз и потоа се враќа во Белград за да отвори сопствена кројачка работилница. По неколку минути разговор со полицијата , Илија е слободен да си оди, но заминува со сомнеж дека неговиот закупец, Петар, можеби е шпион.
Како времето полека изминува , Илија се повеќе верува дека Петар, прогресивен човек од капиталистичка земја, е шпион и дека е голема закана за националната безбедност и социјалистичкиот систем, и почнува да го шпионира. Сопругата на Илија, Даница (Мира Бањац), не може да си ги оттргне мислите и се грижи за иднината на нивната ќерка Соња (Соња Савиќ), неодамна дипломирана на стоматолошки факултет, која никако не може да се вработи.
По подолг период на шпионирање, Илија го контактира инспекторот Дражиќ (Милан Штрљиќ), изнесувајќи информации за средбите на Петар со „сомнителни луѓе“ (всушност, интелектуалните пријатели на Петар), но инспекторот не го сфаќа сериозно. Во тој момент Илија одлучува да ги земе работите во свои раце. Илија започнува операција за надзор против Петар и неговите пријатели. На крајот, Илија ја блокира неговата куќа, купува куче чувар, се вооружува со муниција, па дури и добива помош од својот брат Ѓура (Звонко Лепетиќ), кој исто така се убедува дека Петар е странски агент.
Една ноќ, Илија налетува на автомобил, и е удрен, притоа сметајќи го ова за обид за атентат. Наскоро, Даница почнува да му верува на Илија, но Соња ќерката на Илија верува дека нејзиниот татко страда од параноја. Ѓура фаќа неколку од пријателите на Петар, ги затвара во неговиот подрум, тепајќи ги и терајќи ги да „ги откријат своите терористички планови“. Петар се појавува во домот на Илија, каде што ја наоѓа Даница. Петар кажува дека сакал да се збогува, бидејќи патува за Њујорк, и ја прашува Даница зошто Илија и неговиот брат го следат, откривајќи со тоа дека бил свесен за нивната „операција за надзор“.
Илија и Ѓура влегуваат во куќата , ја испраќаат Даница, и го врзуваат Петар за стол. Почнуваат да го тепаат, принудувајќи го да „признае“. Петар цело време тврди дека не е шпион, но браќата продолжуваат со мачењето и не му веруваат. Ѓура ја напушта куќата на кратко, за да донесе еден од пријателите на Петар кој „признал сè“, а Илија останува и продолжува со испрашување на Петар. Во тој момент, Илија се возбудува и добива срцев удар. Петар некако стигнува до телефонот и ја повиква брзата помош. Тој сè уште врзан за столот, ја напушта куќата за да се обиде да го фати авионот. Илија, во силни болки, успева да се јави во куќата на Ѓура и ѝ кажува на сопругата да му каже да „го блокира аеродромот“. Потоа излегува од куќата и почнува да лази по Петар, а неговото куче го следи.
Теми Ова маркантно дело на Ковачевиќ го претставува односот помеѓу поединецот и владата, индивидуалната и тоталитарната свест и последиците кои системот што бара апсолутна послушност ги носи со себе. Овие последици се манифестираат во губењето на разумот и распаѓањето на семејството. Ваквите противречности покажуваат дека, овој систем е идеја што се уништува себеси, а својот опстанок го гледа во потрагата по „невидливи непријатели“. Илија Чворовиќ, главниот лик, кој бил жртва на таков политички механизам и тиранија, станува инструмент на самиот тој систем додека го гони и шпионира Петар, сосема невин човек, со цел да ја докаже својата послушност кон властите. Така, тој се покажува како трагикомична фигура која го заокружува целиот круг на пеколно лудило на поредокот што промовира параноја, страв, омраза и губење на разумот.
Награди
Светски филмски фестивал во Монтреал, 1984 - Најдобро сценарио Филмски фестивал во Пула, 1984 година - Најдобар филм, најдобар актер (Бата Стојковиќ)
Наследство Југословенскиот филмски архив, во согласност со своите овластувања врз основа на Законот за културно наследство, прогласи сто српски играни филмови (1911–1999) за културно наследство од големо значење на 28 декември 2016 година. „Балкански шпион“ е исто така на таа листа.
Поврзано
Список на југословенски филмови
Наводи
Надворешни врски
Балкански шпион на Семрежната филмска база на податоци Категорија:Филмови чие дејствие се одвива во Југославија Категорија:Филмови чие дејствие се одвива во Србија Категорија:Филмови чие дејствие се одвива во Белград Категорија:Филмови од 1984 година Категорија:Југословенски филмови