Антон Наследников (17 јануари 1856 – 29 април 1930) е бугарски просветен и општествен деец.

Биографија

Ран живот и образование Роден е на 17 јануари 1856 година, во с. Штрклево, Русенско. Основното образование го добил во своето село, во кое во тоа време имало училиште и црква. Татко му бил свештеник и бил познат по своето родољубие и љубовта кон просветата. Од татко му стекнал многу корисно знаење, здраво религиозно воспитание и под негово раководство рано се запознал со црковниот ред. Така подготвен, татко му го однел да учи во IV-класното машко училиште во Русе, во кое учел од 1867 до крајот на учебната 1871/72 година. Потоа, татко му го однел во Габрово, да го продолжи образованието во гимназијата, во која во 1874 година завршил V клас. Во истата 1874 год. како возрасен и подготвен ученик, по решение на учителскиот совет требало да ја преземе должноста на учител на подготвителниот курс на гимназијата и помошен управник на пансионот.

На 1 мај 1876 г. избувнало востанието во Габрово. Фазли паша пристигнал со војската на 11 мај, а на 12 мај ги уапсил сите учители, вклучително и младиот Наследников. На 15 мај, заедно со другите учители бил одведен во Трновскиот затвор, каде што лежел до 10 јуни. Потоа бил ослободен и назначен за учител во Габрово, до склучувањето на Санстефанскиот договор, по што станал чиновник во Русе.

Учителската дејност во слободна Бугарија Чиновничкиот живот не му се допаднал и тој повторно станал учител во класното училиште во Русе, кое било отворено во почетокот на 1878/79 г. Следната година бил назначен за главен учител на основните училишта во Русе, која должност ја извршувал до крајот на учебната 1880/81 год. Во тоа време тој се покажал како вешт организатор на русенските основни (првоначални) училишта. Од Русе заедно со неговата жена Гана Устабашиева, која била сестра на габровскиот војвода Цанко Дјустабанов и внука на Васил Априлов, Наследников заминал во Казанлак, каде што бил назначен од 1 септември 1881 год. за главен учител на IV-класното машко и III-класното женско училиште, каде што останал до 1883/84 година. Воопшто, учителската и општествената дејност на Наследников за време на воените 1876-1877 години и за време на првите години по ослободувањето на Бугарија е многу вредна.

Учителската дејност во Македонија Бугарската егзархија, која раководела со учебното дело во Македонија, барала соодветни лица за директори, кои го владееле во најмала рака турскиот јазик. Тогашниот министер Рајчо Каролев, познавајќи ги педагошките и административните способности на Наследников, го препорачал на Егзархијата да биде назначен за директор во Скопје. Наследников, без да ги познава лошите услови во Македонија, се согласил на поканата на Егзархијата и заминал за Скопје. Млад, едвај со навршени 28 години, со импозантна појава, со околу 10-годишна учителска пракса, и со добро владеење на турскиот јазик, може да се претпостави каква висока кариера можел да избере еден човек во Бугарското Кнежевство.

Од Казанлак, заедно со својата жена, Наследников отпатувал преку Варна за Цариград. Се надевал да се сретне во Егзархијата со Станимир Станимиров, тогашен главен секретар, но не го нашол, затоа што тој беше ја напуштил должноста и заминал во Бугарија. И Егзархот беше отсуствувал. Го заменувал архимандритот Методиј Кусев, кој се помачил да му го нафали Скопје во секој однос. Наследников заминал во Скопје. Во прво време не му оставил добар впечаток нити градот, нити граѓанството: не можел да пронајде удобно сместување; граѓаните биле очајни од решенијата на Берлинскиот конгрес; Турците со лошо око гледале на учителите, особено на оние, кои доаѓале од слободна Бугарија. Гледајќи ја таа положба, Наследников уште во првите денови по пристигнувањето сакал да го напушти Скопје и да се врати назад во Бугарија. Жена му, сепак, го воздржала од таа намера. Наследников во прво време умеел пред турската управа да го прикрие местото на раѓање, образованието, и целата своја револуционерна и просветна дејност. Одел со елегантен фес на главата, говорел добро турски, се претставувал дека е родум од Одрин, маало Киришхане и дека завршил бугарско училиште во Цариград.

Во прво време Наследников гледал да се запознае со состојбата на учебното дело во скопските основни (првоначални) училишта. Тие биле пет на број, од кои едното било сместено во долниот кат на машкото IV-класно училиште. Биле поддржувани од црковната општина. Клупи и црни табли имало доволно, но биле стари и неудобни. Одделенијата биле со 50-60 ученици. Секое одделение имало свој учител. Учителскиот персонал се состоел повеќе од мажи – сите со недоволно образование, сепак, со голема ревност ги исполнувале своите задолженија. Најпрво, Наследников се зафатил да ја уреди архивата, библиотеката, кабинетите по физика и хемија, кои до тогаш не биле во добра состојба. Учители за време на директорството на Наследников во машкото IV-класно училиште биле: Бано Кушев, Иван Благоев, Христо Бучков, Ѓорче Петров, Асан ефенди и др. Бано Кушев му помагал во секојдневните канцелариски работи. Душата на женското класно училиште била жена му Гана, која заввршила V клас во габровското главно училиште.

мини|десно|Учители и ученици во Машкото IV-класно училиште во Битола во 1891/92 година. Прв ред: Ахил Минџов, Антон Кецкаров, Антон Наследников, Ѓорче Петров, Васил Дудев Втор ред: Леонид Спасов, Евгени Попсимеонов, Илија Тошев, Стефан Тафчиев, Михаил Николов, Васил Кртев, Крсто Јосифчев, Јанаки Москов, Симеон Радев, Кирил Христов Совичанов;Трет ред: Васил Попдимитров, Владимир Робев, Вангел Поптрајков, Аристид Дамјанов, Васил Здравев, Васил Константинов, Наум Иванов, Георги Попхристов, Михаил Солунов, Тодор Златков.|379x379пкс

Големиот, 10-годишен син на Наследников, тепан од група Турци се разболел и умрел. Жена му Гана, од тага за синот и од физичка и умствена преумора се разболела. Скопскиот митрополит во тоа време, Теодосиј Гологанов, како што е познато водел сепаратистичка агитација за отцепувањето на Македонија во одделна состојна Архиепископија, на која тој би станал поглавар. Наследников се спротивставил на тоа. Митрополитот се обидел да го тргне од Скопје, најпрво служејќи се со граѓани, но откако не успеал, го претставил пред валијата како непослушен чиновник, како резултат на тоа му било кажано во рок од 24 часа да го напушти градот. Наследников поддал молба да му се даде 7-дневен рок. Молбата му била прифатена и заминал за Цариград, се јавил пред Егзархот кому му расправал подробно за улогата на Теодосиј спрема Егзархијата и потфатите за неговото прогонување од Скопје. Сето тоа го вознемирило Егзархот. На Теодосиј му било пишано да се јави пред Егзархот за објаснение, но долго време тој не сакал да се потчини. Најпосле од властите бил принуден да го напушти чинот во Скопје и да се претстави во Цариград пред Егзархот. Теодосиј бил лишен од епархија и испратен во Софија, а Наследников бил назначен за директор на Битолското машко IV-класно училиште, како таков и управител на машкиот и женскиот пансион во Битола, од 1 септември 1890 година до 28 септември 1894 година.

Враќање во Бугарија На 28 септември 1894 година бил принуден да ја напушти Битола, да ја напушти засекогаш и Македонија и да се врати назад во Бугарија. Министерството за Народна просвета по пристигнувањето во Софија го назначило за I-степен учител во Габровската машка гимназија, во која учителствувал до 1898 година. Од 01.09.1904 се враќа повторно во Централната женска гимназија, кадешто учителствувал непрекинато до 01.09.1908 год.

Починал на 29 април 1930 год. на 74 годишна возраст. По неколку месеци починала и неговата сопруга.

Категорија:Учители на Бугарската егзархија