Виктор Карамарков (роден 1981), попознат како Македонскиот Раскољников — македонски сериски убиец. Тој е осуден за убиство на четири постари жени во Скопје, главниот град на Македонија, злосторства извршени во периодот од март до октомври 2009 г. Покрај убиствата, тој е одговорен и за бројни кражби и три обиди за убиство. Карамарков е осуден на доживотен затвор, а казната ја издржува во затворот „Колонија Идризово“.

Ран живот Карамарков е роден во скопската населба Ѓорче Петров. Неговиот татко починал кога тој бил млад, па израснал со умствено нестабилна мајка.

Иако важел за осаменик, бил опишан како многу интелигентно момче што основното образование го завршило со одличен успех, притоа покажувајќи голема почит кон постарите лица. Бил голем љубител на руската книжевност, а посебно на романот Злосторство и казна од Фјодор Достоевски, поврзувајќи се со главниот лик, Родион Раскољников.

Меѓутоа, Карамарков исто така бил познат деликвент и зависник од дрога, кој постојано се занимавал со разни кражби.

Убиства Црпејќи вдахновение од својата омилена книга, Карамарков ги барал најранливите постари жени за да ги изврши убиствата. Кога ќе пронајдел соодветна жртва, ѝ ѕвонел на врата и барал пари, под изговор дека собира средства за неговата болна мајка. Откако ќе добиел пристап, влегувал во станот, извадил мала секира обвиткана во весник и селотејп и ја убивал несомнителната жртва.

По извршеното убиство, крадел златен накит што го наоѓал во станот, со цел да ја финансира својата зависност од дрога. Интересна подробност од неговиот начин на дејствување е што по секое убиство, тој ја посетувал црквата „Св. Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, барајќи прошка за своите дела.

Жртви Карамарков е осуден за убиство на четири жени:

Љубица Христовска (83) — убиена во нејзиниот дом во Бутел, како последица на тешка повреда на главата. При првата истрага, полицијата се сомневала дека убиецот бил член на семејството или од соседството, поради тоа што немало знаци на борба, ништо не било вознемирено, а вратата била заклучена однатре. Босилка Красојевиќ (71) — убиена на 15 октомври. Била нападната во нејзиниот дом на улицата „Октомвриска револуција“, и подоцна починала од повредите. Властите забележале дека ова убиство е многу слично на убиството на Христовска. Вера Богоевска (76) — убиена истиот ден како и Красојевиќ. Била нападната во нејзиниот дом на улицата „Франко Клуз“, и подоцна починала од повредите. Елена Милева (69) — убиена на 26 октомври во нејзиниот дом на улицата „Хо Ши Мин“. Карамарков бил уапсен за кражба кратко по нејзиното убиство.

Обиди за убиство Карамарков е одговорен и за три обиди за убиство:

Марија Атанасовска (79) — жителка на Капиштец, Атанасовска била нападната од Карамарков во лифт, при што се здобила со повреди на главата. Додека Атанасовска лежела крварејќи, тој се обидел да побегне, но бил изненаден од зетот на жртвата, кој ја чекал на излезот. Зетот, збунет од крвта во лифтот, го прашал Карамарков што ѝ се случило на жртвата. Карамарков објаснил дека таа сама се повредила, и му помогнал на зетот да ја извади од лифтот, пред веднаш да побегне од местото. Смиља Петровска (73) — нападната на 21 октомври. Успеала да се одбрани од напаѓачот во близина на нејзиниот дом на „Железничка улица“. Сание Сулејмани (42) — Сулејмани, хигиеничарка, била нападната истиот ден како Петровска. Таа успеала да го совлада Карамарков во нејзиниот дом во трговскиот центар Мавровка.

Истрага, апсење и казна Иако првично не се сомневале дека во градот демне сериски убиец, властите постепено ги поврзале точките поради сличностите во злосторствата. Сите жртви биле постари жени, убиени во своите станови со тап предмет во задниот дел од главата, а било забележано и дека на сите им недостасувало златен накит.

Врз основа на изјавите од преживеаните жртви, напаѓачот бил опишан како просечен млад човек, кој одел од врата на врата со здравствена книшка во рацете, барајќи финансиска помош за неговата болна мајка. Жртвите не можеле подробно да го опишат, бидејќи изгледал сосема обично и неприметливо.

На 27 октомври, Карамарков бил уапсен и осуден на осум месеци затвор за кражба. Меѓутоа, сведоците и роднините на нападнатите жени веднаш го препознале како напаѓачот. При претресот во неговиот дом, властите ја пронашле секирата употребена во убиствата.

Судска постапка и пресуда Откако неговата слика била прикажана на националната телевизија, голем број жени се јавиле, утврдувајќи го како човекот што им го украл накитот. Една жена, утврдена само како К.М., изјавила дека десет дена пред неговото апсење, тој насилно ѝ го откорнал златниот ланец додека таа се шетала во близина на Министерството за култура. Шокирана, мајката на Карамарков одбила да поверува дека нејзиниот син е ладнокрвен убиец.

Иако тој официјално не ги признал убиствата, сепак спомнал подробности што можел да ги знае само извршителот. Во неговата завршна изјава пред судот, Карамарков тврдел дека бил дрогиран додека давал изјави и дека бил однесен на непозната местоположба три дена, каде што на ѕидот висела слика од Јосип Броз Тито, а нему му бил ускратен адвокат.

И покрај овие тврдења, тој бил осуден на доживотен затвор, што предизвикало незадоволство кај неговиот адвокат, Сашо Дуковски, кој тврдел дека не постои доволно докази за ваквата пресуда.

Наводи

Категорија:Родени во 1981 година Категорија:Живи луѓе Категорија:Луѓе од Скопје Категорија:Македонски сериски убијци Категорија:Македонци осудени за убиство __СОСОДРЖИНА__ __ИНДЕКС__