мини|Јапонски воин Воин (старословенски: воинъ) — човек што се посветил на военото занимање, директно учествувајќи во борбени дејствија. Зборот „воин“ денес се употребува само во свечен, возвишен стил. Како синоними понекогаш можат да бидат зборовите: воинственик, војник, војувач, бојник.

Историја Се чини дека воините биле присутни уште во најраните преддржавни општества. Научниците тврдат дека воините Јамна што јавале коњи од Понтско-Касписката Степа одиграле клучна улога за време на индоевропските преселби и ширењето на индоевропските јазици низ Евроазија. Поголемиот дел од основните оружја што ги користеле воините се појавиле пред подемот на повеќето хиерархиски системи. Лакови и стрели, боздогани, копја, мечеви и други остри оружја биле во широка употреба. Меѓутоа, со новите откритија во металургијата, споменатите оружја добиле на ефективност.

Кога првите хиерархиски системи еволуирале пред 5.000 години, јазот меѓу владетелите и владеените се зголемил. Водејќи војни за да го прошират досегот на своите територии, владетелите често ги присилувале мажите од пониските слоеви на општеството да преземат воена улога. Тоа била првата употреба на професионални војници, што претставува јасна разлика од заедниците на воини.

Класификација Професионалните воини се луѓе конкретно платени да се ангажираат во воени кампањи. Тие обично спаѓаат во една од следниве категории:

Војници: кога се борат за сопствената држава; Платеници: кога ги нудат своите услуги како трговија (комерцијално), независно од нивната националност.

Класификацијата на одредена личност вклучена во акти на насилство може да доведе до дополнителни гледишта, во смисла дека може да постои несогласување дали таа личност може да се определи како хулиган, гангстер, терорист, бунтовник, платеник или војник.

Во 1937 г., Жорж Димезил ја поставил теоријата дека протоиндоевропското општество треба да се разликува во три основни слоја врз основа на нивните улоги: свештеничка класа, војничка класа и класа на обични граѓани или селани.

Во Јунговата психологија, воинот често се гледа како клучен архетип на мажественоста, додека во западната астрологија припаѓа на симболиката на планетата Марс.

Наводи

Надворешни врски

Roman Warriors: The Myth of the Military Machine

Категорија:Културна антропологија Категорија:Професии Категорија:Општествени класи

__СОСОДРЖИНА__ __ИНДЕКС__