Првата фитна () е првата граѓанска војна во исламскиот свет. Таа довела до уништување на Праведниот Калифат и основање на Омејадскиот Калифат. Во граѓанската војна учествувале три главни фракции; поддржувачите на четвртиот калиф Али, поддржувачите на Осман, првенствено предводени од Муавија и Ајша, и Хариџитите.
Корените на првата граѓанска војна може да се пронајдат во убиството на вториот калиф, Омар. Пред да умре од раните, Омар формирал совет од шест члена кој го избрал следниот калиф, Осман. За време од последните години од неговото владеење Осман бил обвинет за непотизам и убиен од страна на бунтовници во 656 година. По убиството на Осман, Али бил избран за четврт калиф. Ајша, Талха, и Зубејр се спротиставиле на доаѓањето на Али на престолот и се побуниле против него. Двете страни се судриле во битката кај Басра во декември 656, во која како победник излегол Али. Потоа, Муавија, гувернерот на Сирија, одбил да го признае Али за калиф и објавил војна. Двете страни се судриле во битката кај Сифин во јули 657, која завршила без победник и со арбитража.
Оваа арбитража предизвикала незадоволство кај Хариџитите, кои ги прогласиле Али, Муавија, и нивните следбеници за неверници. По насилството на Хариџитите врз цивилите, војската на Али ги уништил во битката кај Нахраван. Набргу потоа, Муавија ја придобил контролата врз Египет со помош на Амр ибн ал-Ас.
Во 661, Али бил убиен од хариџитот Абдуррахман ибн Мулџам. По смртта на Али, неговиот наследник Хасан бил избран за калиф и набрзо бил нападнат од страна на Муавија. Опколениот Хасан склучил мир, признавајќи ја власта на Муавија, кој потоа го основал Омејадскиот Калифат и владеел како негов прв калиф.
Наводи
Категорија:Праведен Калифат