Македонска мрена, бела мрена или речна мрена (Barbus macedonicus) — вид слатководна риба од родот крапови. Согласно новата систематика подвидот на белата мрена Barbus barbus macedonicus е издигнат на нивоо на вид и денес претставува посебен вид Barbus macedonicus - македонска мрена (бела мрена).

Опис Телото на македонската мрена е вретеновидно, слабо испупчено. Големината на нејзината глава изнесува 25% до 28,5% од должината на телото. Опашната перка е релативно долга, а долната половина и е нешто подолга од горната. Слободниот дел од лушпите во предниот дел на страните на телото е нешто заострен. Бојата на грбот е светло маслинестозелена до маслинестокафеава, страните на телото жолтеникаво-сребренести до сребреносиви, стомакот жолтеникаво бел или бел. Грбната и опашната перка (особено горната половина) се сивкасти и на врвовите темни, а другите перки црвенкави, со сивкастобела основа. Кај полово зрелите машки единки по главата има мали брунки, а по лушпите на грбот и горните делови на страните, брунките се заменети со тесни, издолжени пруги. Македонската мрена има месести усни. Долната усна е нејасно троделна, а понекогаш дводелна. Мустаќите се дебели. Предните се куси, свиени наназад и не достигнуваат до ноздрите, а задните, се подолги, свиени наназад и најчесто достигнуваат до вертикалата на предниот раб на очите.

Основни биолошки одлики Во водите во Република Македонија достигнува просечна должина од 35 до 50 см и маса од 0,5 до 1 кг. Постигнува и значително поголеми димензии и маса. Постојат податоци дека се уловени и мрени долги повеќе од 80 см и тешки над 9 кг. Белата мрена се храни со безрбетни животни од дното на водата, со икра, но не ретко и со риби и жаби. Обично се храни во вечерните часови или рано наутро, но не ретко и преку цел ден. Извонредно е активна и лакома особено летно време кога интензивно се исхранува, а презимува во разни дупки. Се мрести во текот на цело лето почнувајќи од крајот на април па СЕ до крајот на јуни, а не ретко и во јули на чакалесто и каменесто дно. Икрата на мрената има пречник приближно 2 мм.

Значење Македонската мрена нема стопанско значење, но има извонредно големо значење од гледна точка на рекреативниот и спортскиот риболов и бара познавање на посебна техника на риболов.

Наводи

Категорија:Риби на Македонија Категорија:Фауна на Грција Категорија:Мрена Категорија:Незагрозени видови според МСЗП