Американско сомче () — слатководна риба што припаѓа на семејството Ictaluridae која е широко распространета во Америка.

Опис и распространетост Американското сомче по обликот на телото личи на сомот. Телото е голо и нема лушпи. По кожата можат да се забележат сегменти на телесната мускулатура. Основната боја на телото е темнокафена, по грбот кафена до маслинестозелена со виолетов отсјај, страните се со посветла нијанса, а стомачниот дел е бел. Перките се со темнокафена до црна боја. Опашната перка е малку засечена. Помеѓу грбната и опашната има месеста перка. Првиот зрак во грбната и градните перки е силен, тврд и бодликав. Има голема глава, а устата се одликува со повеќе реда ситни заби. Околу устата има осум мустаќи. Најдолгиот пар е сместен во аглите на устата, еден пар на горната вилица покрај носните отвори и два пара под долната вилица. Природниот ареал на распространетост се наоѓа во Америка, базенот на реката Мисисипи. Во Европа е внесен уште во 19 век, прво во Германија. Во Република Македонија е внесено случајно, со подмладок од крап. Го има во сливот на реката Вардар, а најбројна популација има во акумулацијата Тиквешко Езеро.

Основни биолошки одлики Американското сомче живее во стоечки води, но и во бавнопроточни води, а и во води кои се оптоварени со органски материи. Отпорно е на разни влијанија и може да издржи намалени концентрации на кислород во водата. Полово созрева на должина од 8 до 10 см. Се мрести во пролетниот и летниот период кога температурата на водата достигнува 18 - 20oС. Женските единки икрата ја полагаат во вид на топка, во однапред подготвено гнездо. Најчесто Гнездото најчесто го чуваат машките единки. Расте бавно. Животниот век му е од 12 до 15 години. Може да достигне максимална должина од 45 см и тежина од 2 кг. Заради бодликавите жбици во градните перки, грабливите риби го одбегнуваат, па и тоа придонесува за негово ширење во водите. Сештојад е и се храни со храна од животинско и растително потекло, како и со икра, личинки и поситни риби. Се храни и со угината риба.

Значење Нема стопанско значење. Неговото присуство во водите е непожелно и негативно влијае на густините на популациите на автохтоните видови риби. Месото е со добар вкус и квалитет, нема ситни коски. Иако лесно се лови на јадица, најчесто рекреативните риболовци го сметаат за непожелен во уловот поради малите димензии.

Наводи

Категорија:Сомовидни Категорија:Риби на САД Категорија:Слатководни риби