Кумановски Округ, именувана и како Округ Куманово ― поранешна административна единица на територијата на Македонија, односно округ на Кралството Србија, Царството Бугарија, и Кралството СХС. Округот постоел во периодот 1912-1922 година.

Историја Кумановскиот Округ бил востановен на 28 октомври 1912 година, кога бил усвоен предлогот за привремена административна поделба во новоосвоените територии на Кралството Србија, стекнати во текот на Првата балканска војна. Округот бил поделен на срезови (во превод околии) и тие биле Кратовскиот, Кривопаланечкиот, Кумановскиот, и Прешевскиот Срез. Според административната поделба од 16 април 1913 година, Округот бил поделен на Кратовскиот, Кривопаланечкиот, Кумановскиот, Прешевскиот Срез, Светиниколскиот Срез, како и Окружниот Град Куманово кој не влегувал во ниеден срез. На 10 јануари 1914 година, Кумановскиот Срез бил преименуван во Жеглиговски Срез. Според административната поделба од 14 март 1914 година, округот бил поделен на Жеглиговскиот, Кратовскиот, Кривопаланечкиот, Прешевскиот Срез, и Окружниот Град Куманово. Тој имал површина од 3,556 км2.

Кумановскиот Округ продолжил да постои во рамките на Царството Бугарија, односно за време на окупацијата во Првата светска војна. Неговата територија се состоела од Бујановската, Кратовската, Кривопаланечката, и Кумановската Околија.

За време на новата држава Кралство СХС, Кумановскиот Округ продолжил да постои, овојпат во рамки на покраината Јужна Србија. Тој се состоел од истите срезови, како и Окружниот Град/Општина Куманово кој не влегувал во ниеден срез. На 26 април 1922 година, според новата административна поделба, Кумановскиот Округ бил укинат и бил заменет со Врањската и Скопската Област.

Население Според првиот попис изведен во февруари и март 1913 година и објавен во април истата година, Кумановскиот Округ имал 166,939 жители, односно вкупното население на Кратовскиот, Кривопаланечкиот Срез, Кумановскиот, Прешевскиот, Светиниколскиот Срез, и Окружниот Град Куманово. Округот се состоел од 60 општини и 409 села.

Според адмистративната поделба од 1914 година, и според прераспределените бројки од пописот од 1913 година, Кумановскиот Округ имал 144,983 жители, односно вкупното население на Жеглиговскиот, Кратовскиот, Кривопаланечкиот, Прешевскиот Срез, и Окружниот Град Куманово. Округот се состоел од 51 општина, 331 село, 17 заселоци, 1 град (варош), 4 паланки (варошици), и 8 манастири.

За времето на владеењето на Царството Бугарија, Кумановскиот Округ имал 145,731 жител, односно вкупното население на Бујановска (36,870), Кратовската (19,418), Кривопаланечката (37,454), и Кумановската Околија (51,989).

Според пописот од 1921 година, Кумановскиот Округ имал 147,184 жители. Според верската припадност, 112,071 биле православни, 35,017 биле муслимани, 50 биле римокатолици, 25 биле евангелисти, 18 биле евреи, додека 3 биле гркокатолици. Според јазичната припадност, 111,682 биле Срби/Хрвати, 25,097 биле Албанци, 6,813 биле Турци, 299 биле Власи, 21 биле Словенци, 19 биле Руси, 6 биле Унгарци, 3 биле Германци, 2 биле Чехословаци, 1 бил Италијанец, 3,241 припаднале во графата „останати и непознато“.

Поврзано Историја на административната поделба на Македонија Административна поделба на Србија Административна поделба на Бугарија Административни поделби на Југославија

Забелешки

Наводи

Категорија:Историја на Куманово