Јован Михаил () — македонски зограф од епирско влашко потекло, претставник на Кионатската школа, еден од најистакнатите мајстори во Македонија во XIX век.

Животопис Роден е во големото влашко село Кионат, Мајсторско, денес во Епир, Грција. Најстариот авторски запис, тој го оставил во црквата „Св. Архангел Михаил“ во селото Оптичари, во 1838 г. Таму тој се потпишал како Јован Михаил и објаснил, дека се преселил од епирското село Кионат во тогаш просперитетното битолско село Трново. Во втората четвртина на XIX век, тој се потпишал во десеттина цркви во Битолско и Леринско.

Во 1836 г. работел во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велушина. Во долната зона насликал поединечни претстави на многу светци во цел раст. Во горниот дел има композиции со сцени од животот и страдањата на Исус Христос. Впечатливо сликарство оставил на источниот ѕид од нартексот, изведувајќи неколку икони, во техника на ѕидно сликарство како своевиден „ѕиден иконостас“ со допојасните претстави на Исус Христос, Пресвета Богородица со Христос и Свети Јован Крстител.

Заедно со Михаил Зограф од Кионат, во 1844 г. ја живописал црквата „Св. Димитриј“ во Битуша, Леринско со средствата на Аврам и Божин. Ктиторскиот натпис гласи:

Во 1847 г. ја живописал црквата „Св. Петка“ во Скочивир.

Повторно работел во Велушина во 1848 година, овојпат во манастирот „Св. Ѓорѓи“. Во долниот појас, вообичаено ја поставил галеријата на стоечки светители во цел раст. Во горните партии се сцените со претставите на Христовиот живот и страдања. Заслужува внимание илустрирањето на сцени од детството и успението на Св. Богородица како и од поетската композиција позната како Акатистот на Богородица. На темето од полукружниот свод се поставени во медалјони допојасните претстави на Св. Јован Крстител, малиот Исус обележан како Емануил како и Христос Пантократор или Седржител. Над иконостасот се претставени Светото Тројство и тоа Господ Саваот, Исус Христос и Светиот Дух. Стилот на Јован Зограф импресионира на многу места, кој успешно прави соединување на традиционалната поствизантиска иконографија и новите решенија инспирирани од западната уметност од втората половина на XIX век. Неколку икони на иконостасот исто така се негово дело.

Галерија

Поврзано

Кионатска школа

Наводи

Категорија:Луѓе од Кионат Категорија:Македонски Власи Категорија:Македонски зографи Категорија:Македонски иконописци Категорија:Претставници на Кионатската школа