Станечки Водопад или Станечки Водопади — најголем постојан водопад на Осоговските Планини, сместен долж течението на Козја Река, во близина на селото Станци, Кривопаланечко.

Местоположба и пристап Станечкиот Водопад е постојан водопад којшто се наоѓа во северниот дел на Осоговските Планини, на надморска височина од 1.160 м, по течението на Козја Река, во близина на селото Станци, околу 8 км јужно од Крива Паланка. До селото Станци во долината на Дурачка Река води асфалтен пат долг 5 км. Потоа, од селото се тргнува по патека којашто води покрај Козја Река и по околу 3 км се пристигнува до водопадот. Водопадот е на надморска височина од 1160 метри и функционира во текот на целата година.Милевски, И.. „Станечки водопади кај Крива Паланка “. Игео-портал. 23 јануари 2012.

Природни одлики Водопадот е висок 11 м и е највисок постојан водопад на Осоговските Планини. Тој е ерозивен водопад и во неговото подножје со вртложно движење на водата е создаден голем природен базен или џиновски лонец. Од џиновскиот лонец речната вода слаповидно истекува кон помирниот дел на Козја Река, паѓајќи 3 м на релативно кратко растојание, така што водата вкупно се спушта 14 м.

Водопадот се наоѓа во густа букова шума, а спротиводно по реката, во повисоките делови, има уште неколку мали водопади. Освен водопадите, на просторот има геоморфолошка појава на огромни карпести блокови, настанати со механичко распаѓање.

Долината на Козја Река е тесна и на одредени места скоро вертикална со изглед на мал кањон, така што искачувањето по неа е доста тешко. Кон исток, долината стрмно се издига кон билото на врвот Калин Камен (1.884 м) на надморска височина од околу 1.800 метри и понатаму кон Царев Врв (2.085 м).

Галерија

Поврзано Козја Река Осоговски Планини Станци

Белешки

Наводи

Категорија:Станци Категорија:Водопади во Македонија Категорија:Осоговски Планини