Георги Стефанов Киљов, наречен Правото (Калапот, 1884 – Лушин, 3 јуни 1925) — македонски револуционер и политички деец, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација и Бугарската комунистичка партија.
Животопис Киљов е роден во 1884 година, во селото Калапот, Зихненско, денес во егејскиот дел на Македонија. Завршил егзархиско педагошко училиште во Сер. Уште како ученик стапил во ВМОРО. По завршувашето на образованието, тој работел во тутунски складови во Кавала.
Тој учествувал во Балканските војни (1912–1913) како доброволец во Македонско-одринските доброволни чети. Откако Кавала припаднала на Грција во 1913 година, Киљов се иселил во градот Скеча, каде продолжил да работи како тутунски работник. Станал член на Бугарската комунистичка партија (БКП) и бил меѓу основачите на тутуноработничкото друштво „Заштита“ во 1914 г. Во 1918 година, тој бил меѓу основачите на градската организација на БКП во Скеча и станал член на околискиот комитет на партијата во градот и на окружниот во Ѓумурџина.
Откако Царството Бугарија ја отстапила Западна Тракија по крајот на Првата светска војна (1914–1918), почнувајќи од 1919 година, Георги живеел во Хасково, а во 1921 г. се преселил во Неврокоп, односно во пиринскиот дел на Македонија. Пишувал во „Работнички весник“ и во „Тутуноработник“. Летото 1923 година, тој бил уапсен, а по ослободувањето живеел во Мехомија. Во 1925 г. е задржан за време на Дабничката акција на ВМРО (Автономистичка) против комунистичките дејци во Пиринско и бил убиен на 3 јуни во месноста Лушин.
Георги бил женет за Марија Чалкова, со која имал ќерка, глумицата Ева Тупарова (Вангелија).
Наводи
Категорија:Починати во 1925 година Категорија:Македонски револуционери Категорија:Отомански Македонци Категорија:Македонци во Бугарија Категорија:Дејци на ВМОРО Категорија:Дејци на БКП Категорија:Матуранти од Серското педагошко училиште Категорија:Жртви во масакрот кај Дабница (1925) Категорија:Затвореници во Бугарија