Колешински чинари — два чинари во селото Колешино, Општина Ново Село, област Погорје, Струмичко. Во 2023 година, чинарите биле прогласени за природна реткост под називот „Платанови стебла – Платан, с. Колешино, Општина Ново Село“. Со природната реткост, управува Општина Ново Село, а во име на општината, градоначалникот на Општина Ново Село.

Местоположба Двата чинари се наоѓаат во северниот дел од периферијата на селото Колешино. Во непосредна близина на чинарите се наоѓаат куќи, стара општа и забна амбуланта, поток и асфалтен пат. Од западната страна, на еден од чинарите има изградено куќа и гаража направена веднаш до самото стебло.

Опис Чинар 1 Крошната на чинарот е широко зоблена со 6 високи и дебели гранки скоро вертикално поставени. Самото дрво е високо 28,0 м, деблото е високо 5,0 м, а висината на крошната е 23 м.

Обликот на крошната е заоблено полутопчест, малку асиметрична кон соседниот чинар, со обем од 81,64 м, а ширината мерена кон: север 16 м, исток 9,3 м, југ 10,5 м, запад 10 м.

Во основа, кореновиот врат на деблото има обем од 8,3 м со пречник на кореновиот врат 2,64 м. Обемот на градна висина е 6,6 м, а пречникот 2,2 м.

Кората по деблото е крупно многуаголно испукана, браздесто назабена. Ваквата кора посебно е изразена на северната и јужната експозиција. Старите и дебели гранки ситно кафеаво испукани во многуаголни плочки, само најмладите и потенки гранки маскирно сивожолтеникаво обоени.

Чинар 2 Крошната на чинарот е широко зоблена со главни дебели гранки, прстесто разгранети од кои гранката кон планината Беласица пресечена е на пола. Самото дрво е високо 26,0 м, деблото е високо 4,0 м, а висината на крошната е 22 м.

Обликот на крошната е заоблено полутопчест, малку асиметрична кон соседниот чинар во зона на допирање, со обем од 79,44 м, а ширината мерена кон: север 14,2 м, исток 15,3 м, југ 12,8 м, запад 8,4 м.

Во основа кореновиот врат на деблото има обем од 8,3 м со пречник на кореновиот врат 2,64 м. Обемот на градна висина е 6,3 м, а пречникот 2 м.

Кората по деблото е со средно дебели повеќеаголни сивокафеави плочки кои од деблото продолжуваат и до половина од дебелите гранки. Гранките маскирно сивозеленкасти до жолтеникави, скоро мазни.

Проценка на староста Официјални податоци за староста на овој чинар не постојат.

За утврдување на староста (возраста) на чинарите, при изработката на „Елаборатот за ревалоризација на Платаново стебло (Platanus orientalis L.) во с. Колешино, Општина Ново Село“, во 2021 година, се користела методата на вадење извртоци од стеблото со Преслеров сврдел и броење на годовите, па староста на првиот чинар била проценета на приближно 765 години, а на вториот на приближно 750 години.

Состојба на чинарите По деблото и гранките кај двете дрва има минимални оштетувања.

Кај чинарот бр. 1 деблото има силно разгранет површински коренов систем кој од западната страна поради изградба на куќа во самиот коренов систем, истиот е уништен. Столбовите од гаражата направена до самото дебло (на 0,7 м) целосно навлегуваат во растежната зона на стеблото. Тој што ја изградил куќата под самата крошна на ова големо дрво ризикува некоја од дебелите гранки да падне и со тоа да направи голема штета на куќата. Објектот е изграден на државно земјиште кое општината го доделила за градежни активности со откуп на државно земјиште за градање.

Наводи

Категорија:Поединечни дрва во Македонија Категорија:Чинари Категорија:Колешино Категорија:Природни реткости во Македонија