Џон Томас Болдвин Помладиот (5 септември 1910 - 3 септември 1974) — американски ботаничар. Тој специјализирал цитогенетика на растенија, а во раната кариера го проучувал семејството дебелци. Во 1946 година, Болдвин бил назначен за професор на Колеџот Вилијам и Мери, каде што претходно студирал. Работел и за Министерството за земјоделство на САД, придружувајќи ги нивните експедиции во Африка. За време на американската економска мисија во Либерија од 1947 – 1948 година, Болдвин открил дека Strophanthus sarmentosus е природен извор на стероидниот хормон кортизон и дека подоцна се користел за производство на лекови. Тој засадил обемна колекција на растенија на универзитетскиот кампус, за која подоцна ботаничарите тврделе дека е една од најважните во земјата. По смртта на Болдвин, колеџот донирало земјиште за да формира спомен парк во негова чест.
Ран живот и кариера
Џон Томас Болдвин Помладиот бил роден на 5 септември 1910 година во Чејс Сити, Вирџинија. Дипломирал на Колеџот Вилијам и Мери и докторирал по филозофија на Вирџинскиот универзитет. Болдвин студирал и на Корнвелскиот универзитет и потоа се приклучил на академскиот кадар на Колеџот Вилијам и Мери во 1937 година како инструктор по ботаника. Специјализирал за цитогенетика, во однос на растителните хромозоми. Болдвин ги проучувал растенијата од семејството Crassulaceae помеѓу 1938 и 1949 година. Сортата Kalanchoe x houghtonii, за која ги објавил оригиналните цитолошки податоци и ја илустрирал, била именувана по него како признание за неговата работа.
Болдвин работел како ботанички инструктор на Мичигенскиот универзитет помеѓу 1939 и 1941 година. Помеѓу 1942 и 1944 година бил вонреден цитолог за Министерството за земјоделство на САД за време на истражувањата на растенијата што се користат за производство на гума во Амазонската долина. Помеѓу 1944 и 1946 година, Болдвин бил вонреден професор и раководител на Бландиевата експериментална фарма на Вирџинскиот универзитетот.
Професор во Вилијам и Мери мини|Strophanthus sarmentosus Болдвин се вратил во Колеџот Вилијам и Мери во 1946 година како професор, позиција што ја држел до крајот на својот живот. Тој служел како хортикултурист на американската економска мисија во Либерија од 1947 – 1948 година. На оваа експедиција тој ја проучувал живеалиштата, преваленцата и однесувањето на растенијата Strophanthus. Болдвин открил дека Strophanthus sarmentosus е природен извор на стероидниот хормон кортизон. Растението sarmentosus се користело во раното производство на лекови базирани на кортизон. Тој се вратил во Африка за истражување на растенијата од 1949 – 1950 година од страна на Одделот за истражување на растенијата на Министерството за земјоделство. Болдвин служел како претседател на одделот за биологија на колеџот помеѓу 1952 и 1962 година.
Тој донел многу растенија во кампусот на колеџот за едукација на студентите. Болдвин рекол дека „книгите се за задоволство и учење, како и збирката растенија“ и сметал дека неговата колекција е подеднакво важна за универзитетот како и неговата библиотека. Подоцнежните ботаничари ја сметаат колекцијата на Болдвин за една од најважните во Соединетите Американски Држави.
Болдвин земал семе од дрвото Metasequoia додека патувал во Белгија. Дрвото било познато од фосили, кое се сметало дека е изумрено сè до неговото повторно откривање во Кина во 1940-тите. Семето било испратено во странство на Универзитетот Харвард во нивната ботаничка истражувачка институција за да се види како расте. Примероците напредувале во Колеџот Вилијам и Мери.
Болдвин одгледувал многу кедри во својата колекција. Тој открил дека Cryptomerias од Јапонија растат особено добро и го нарекол Вилијамсбург како главен град на Cryptomeria во светот. Тој земал и одгледувал три примероци од кедри на планината Атлас, Cedrus atlantica. Кога еден од неговите примероци бил исечен од студенти за да го користат како украсна елка во 1960-тите, тој ги пронашол сторителите и ги казнил со парична казна од 100 долари.
Болдвин починал на 3 септември 1974 година во Вилијамсбург.
Наследство По смртта на Болдвин, ботаничарите на колеџот работеле на идентификување на сите растенија во неговата колекција и на организирање на неговите записи. Мал спомен парк бил основан од страна на Окружниот совет на Тајдвотер и Советот на градинарски клубови на областа Вилијамсбург на 1 мај 1977 година. Земјиштето за паркот било донирано од страна на колеџот и биле засадени примероци од колекцијата на Болдвин. Болдвин имал богата историја на вклученост во советот на градинарските клубови, кои му доделиле награда во 1971 година.
Тревните видови Loudetia baldwinii и Loudetiopsis baldwinii се именувани по Болдвин.
Наводи
Категорија:Апсолвенти на Универзитетот на Вирџинија Категорија:Починати во 1974 година Категорија:Родени во 1910 година Категорија:Ботаничари со авторски кратенки Категорија:Американски ботаничари