„Мала станица“ — мултимедијален центар во склоп на Националната галерија на Македонија и претставува всушност анимирање и ставање во функција на т.н. „индустриско наследство“, кое што според референтните меѓународни документи и упатства претставува специфична категорија на културното наследство кон кое треба да се има и одреден режим на однесување и специфичен однос при неговото користење.
Активирањето како мултимедијален центар започна во 1994 година кога биле реализирани неколку културни настани и проекти. Тоа е времето на иницијативите за „приватен театар”, кога во просторот на „Мала станица” била промовирана идејата за „културен центар”. Во периодот од 1994-1996 година, во објектот биле реализирани и неколку меѓународни проекти на ИООМ Центарот за современи уметности.
Во 2003 година, Министерството за култура ја презема обврската да го заврши објектот како мултимедијален центар при Националната галерија на Македонија. Објектот бил свечено отворен на 3 ноември 2005 година.
Новите зафати за ентериерно уредување и функционална адаптација на просторот се изведени според високи стандарди за галериско работење, со акцентирање на повеќенаменската функционалност на објектот. Сегашните 2.000 м2 на Мултимедијалниот центар „Мала станица” овозможуваат реализација на висококвалитетни музејско-галериски содржини и комплексни мултимедијални проекти.
Историски гледано, објектот кој што популарно е познат како „Мала станица” е дел од поновата историја на изградбата на Скопје, поточно, потекнува од периодот меѓу двете светски војни. Како дел од акцијата за изградба, санација и обнова на одредени железнички станици и други објекти за потребите на железницата, во 1922 година била доградена „теснолинејката“ која од станицата „Горно Скопје”, попозната како „Мала станица”, преку населбата Ѓорче Петров, требало да ја овозможи врската на Скопје со Охрид и Струга. Заради потребите за непречено функционирање на „Мала станица”, во тој период ќе бидат изградени и бројни придружни објекти: алатници, магацински простори и сл., во функција на нејзино непречено одржување. Еден од тие објекти е и објектот што денес е познат како „Мала станица”, изграден 1924 година, кој што претставува еден од последните такви објекти во овој дел на Скопје.
Во периодот по 1945 година, во овој објект биле сместени воени содржини на тогашната ЈНА, кои што заради нивната природа, ќе го тргнат објектот од вниманието на јавноста во еден подолг временски период. По распадот на СФРЈ и повлекувањето на ЈНА, објектот бил отстапен и наменет за реализација на културни содржини, иако во периодот од 1991 година наваму, во отсуство на конкретни инвестициски зафати, објектот не бил ставен во целосна градежна и архитектонска кондиција за да овозможи негово претворање во соодветен „културен центар” кој ќе промовира и афирмира културни содржини во градот.