Васил Шанто, наречен Васко (; Скадар, 13 август 1913 – Скадар, 1 февруари 1944) — албански комунист од македонско потекло, еден од основачите на Комунистичката партија на Албанија, водач на комунистичката група во Скадар заедно со Ќемал Стафа. За народен херој бил прогласен по неговата смрт.

Животопис Шанто е роден на 13 август 1913 г. во градот Скадар, Албанија, во семејството на Петруш Шанто и Јустинијана Мојсо. Шантовци потекнуваат од Струга. Најверојатно се иселиле оттаму во втората половина на XIX век. Во меѓувоениот период, тие имале пекарница и живееле во Скадар, а во Втората светска војна се засолниле во Тирана. И Васил работел како пекар. Во 1928 г. стапил во раното албанско комунистичко движење.

За време на италијанската инвазија на Албанија (7–12 април 1939), Шанто бил дел од комунистичката група во Скадар, чии членови биле и Ќемал Стафа, Лири Гега, Имер Дишница, Зеф Маља и други. Маља, Шанто, Стафа и Кристо Темелко биле нејзини водачи. Активностите на групата ги опфаќале и Косово и Западна Македонија, а организацијата вклучувала и доселеници од Ѓаковица и други места на Косово, кои се преселиле во Албанија помеѓу 1930–1937 г.

Во август 1941 г. Комунистичката партија на Албанија била основана со договор помеѓу комунистичките групи од Скадар, предводени од Шанто и Стафа, но и од Горица и Тирана, на чело со Енвер Хоџа. Шанто бил еден од членовите на Уставотворното собрание на Скадарската група, заедно со Стафа, Темелко и Тук Јакова, од 8–14 ноември 1941 г. во Тирана. Меѓу основачите имало 8 христијани: Кочо Ташко, Кочи Ѕоѕе, Панди Кристо, Ѓин Марку, Васил Шанто, Тук Јакова, Кристо Темелко и Анастас Љуља, и 5 муслимани: Енвер Хоџа, Ќемал Стафа, Рамадан Читаку, Кадри Хоџа и Садик Премте. Во април 1942 г. низ цела Албанија имало само 300 комунисти.

Околу 8 ноември 1943 г. Шанто пристигнал кај седиштето на Вториот ударен корпус на југословенските партизани во Колашин, Црна Гора, како дел од делегација од ЦК на албанските комунисти за средба со командантот Иван Милутиновиќ за партиски, политички и воени прашања важни за понатамошниот развој на комунистичко движење во Албанија.

Шанто влегол во конфликт со Хоџа, но ова било чувано во тајност од јавноста. Загинал на 1 февруари 1944 г. во престрелка со германските окупаторски сили во близина на Скадар.

Сестрата на Васил, Елисавета била во брак со Петар Булатовиќ-Булати, поранешен полковник во Министерството за внатрешни работи на Албанија со двојно (албанско и југословенско) државјанство. Во 1956 г. Булати бил обвинет како „непријател на народот“ и „агент на УДБА“, по што бил стрелан. Поради своите семејни врски, Елисавета, заедно со други блиски роднини, била интернирана и испратена во логор.

Наводи

Литература

Категорија:Луѓе со потекло од Струга Категорија:Македонци во Албанија Категорија:Албански комунисти Категорија:Албански политичари