Стефка С’ботинова () била бугарска народна пејачка, изведувачка на песни од Тракиската фолклорна област.

Биографија Родена е на 2 април 1930 година во селото Розов кладенец во Старозагорска област.„Почина народната певица Стефка Съботинова“, btvnews.bg, 30 јули 2010 г. (на бугарски) Нејзините предци биле бегалци од Беломорска Тракија, од кои таа наследила богато и автентично пејачко наследство. Своето образование го стекнала во Пловдив и Стара Загора. Првите професионални снимки ги направила во Радио „Стара Загора“ во периодот 1947–1948 година. Во 1951 година се преселила во Софија. Нејзиниот пат кон професионалната сцена започнал благодарение на фолклористот и народен пејач Жечо Долчинков, кој го открил нејзиниот талант. По успешното пријавување на конкурс за Државниот ансамбл за народни песни и танци „Филип Кутев“, била избрана меѓу 300 кандидатки. Од 1954 година започнала нејзината активна концертна дејност со ансамблот, со кој настапувала на престижни сцени ширум светот како хористка и солистка.

На почетокот на 1970-тите години се приклучила на Ансамблот за народни песни на Бугарското радио и телевизија, а подоцна станала дел и од формацијата „Мистеријата на бугарските гласови“. Во дует со Тинка Пешева снимила низа хумористични народни песни, меѓу кои „Цонке ле, чушко червена“, „Заплакал е стар, бјал дедо“ и „Овдовјала лисичката“. Двете имаат издадено заеднички дуетен албум. Стефка С’ботинова е единствената изведувачка со самостојни песни во првиот албум на Марсел Селие, „Le Mystère des Voix Bulgares“, каде што се вклучени нејзините амблематични песни „Притури се планината“ и „М’р, Станке ле“. Уште тогаш песната „Притури се планината“ се нашла како дел од филмската музика во светските продукции „Исус од Монтреал“ и „Лионците“.

Пејачката стекнула светска популарност во 1994 година, кога нејзината песна „Притури се планината“ била објавена со нов модерен аранжман на Жаки Анона. Претворајќи се во светски хит, таа била и еден од првите бугарски музички пробии во етерот на MTV.

Стефка С’ботинова има издадено два самостојни албуми. Во 2006 година, народната пејачка ја снимила песната „Заправил Господ манастир“ во дует со актерот Џоко Росиќ. Во месец јуни 2010 година била одликувана со највисокото бугарско признание – орден „Стара Планина“ од прв степен.„Стефка Съботинова и Недялко Йорданов получиха ордени „Стара планина“, dnevnik.bg, 18 јуни 2010 г. (на бугарски) Стефка С’ботинова починала на 30 јули 2010 година во Софија.

Наводи

Надворешни врски „Стефка Съботинова: Не само хубаво стрелям, но и улучвам“, интервју на Љубо Николов, весник „Дума“, бр. 57, 9 март 2013 г. (на бугарски)

Категорија:Бугарски пејачи Категорија:Бугарски уметници