Cerinthe retorta — вид на растение од родот Cerinthe.

Опис Едногодишно голо растение, 15–50 цм високо. Стеблото вертикално или лачно искривено, разгрането од основата или само во горниот дел, голо. Долните, базални листови 5–9 цм долги, 1,5–3 цм широки, издолжено обратнојајцевидни или издолжено лопатовидни, во врвниот дел затапени или заоблени, со подолги или покуси лисни дршки. Средните и горните стеблени листови 3,5–6 цм долги, 1,3–2,7 цм широки, јајцевидни, издолжено елиптични или широко елиптични, приседнати, со срцевидната основа го опфаќаат стеблото. Сите листови се синозелени со бели брадавичести израстоци кои се поизразени од нивната горна страна. Прицветните листови срцевидни, виолетови, со еднаква должина како и чашкините листови. Цветовите се собрани во куси, густи срповидни соцветија по врвовите на стебленцето или страничните гранчиwа. Цветните дршки 2–5 мм долги, голи или со редок брашнест налеп. Чашката е формирана од 5 нееднакви, елиптични до копјести сегменти, во врвниот дел затапени или малку заострени голи, по рабовите со куси ретки влакненца. Венчето е 12–15 мм долго, 3–4 мм широко, до двапати подолго од чашката, во горниот дел искривено, во основата стеснето, бледожолтеникаво во горниот дел виолетово; венечните сегменти јајцевидни, куси во врвниот дел свиткани наназад, многу покуси од останатиот дел на венчето. Антерите издолжени со куси филаменти, прикрепени во горниот дел на венчето. Оревчињата јајцевидни, 3–4 мм долги, темнокафеави до црни.Владо Матевски: Флора на Република Македонија, том II, св. 1, стр. 100-101 издавач: МАНУ, Скопје, 2010

Во Македонија Расте по варовнички камењари и карпи, во потоплите делови на Македонија, на надморска височина до 500 метри.

Познат за Демир Капија, клисурата на реката Бабуна, Валандово, Демир Капија, Кожуф.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија